Македонија
4. May 2025 - 12:59

Мицкоски очекува уште поголема наплата на приходите: Во минатото голем дел од тие средства завршувале во нечии џебови, а денес во проекти за граѓаните

Премиерот Христијан Мицкоски очекува во претстојниот период наплатата на приходите да биде уште поголема. Како што изјави денеска, порано тие средства завршувале во нечии џебови, а денес одат во проекти за граѓаните.

Одговорајќи на новинарски прашања по одбележувањето 122 години од смртта на Гоце Делчев, Мицкоски се осврна и на патувањето на владината делегација во Јапонија, со напомена дека трошоците биле сведени на минимум.

- Зголемена е наплатата на приходите и тоа во услови на понсики цени на нафтата и нафтеините деривати. Очекувам наплатата уште повеќе да се зголемува. Во минатото голем дел од тие средства завршувале во приватни џебови, а денес одат во Буџетот и преку проекти повторно се враќаат назад кај граѓаните. Одговорна и дисциплинирана, само таква политика може да не води кон раст и развој, потенцира премиерот.

По реакциите на опозицијата дека било скапо патувањето во Јапонија, Мицкоски истакна  дека трошоците биле најмалку три пати помали од првично планираните што ги проектирала тогашната власт, која сега е опозиција.

- Патувањето во Јапонија беше планирано уште од времето кога денешната опозиција била Влада, таа распишувала тендери и организирала вакви патувања. Оваа Влада направи тие трошоци за патувањето на таа делегација да бидат сведени на минимум. Бев поканет јас, заедно со уште двајца членови на мојот Кабинет на сметка на јапонската Влада, но поради обврски дома не отидов. Во мое име делегацијата ја водеше Муцунски, а голем дел од лицата сами си покриваа, така што од тоа што било планирано пред една година и тоа што е сега, најмалку три пати се помали трошоците, објасни премиерот.