Свет
25. October 2016 - 16:54

Лавров: Операциите во Мосул и во Алепо се идентични - ослободување на град од терористи

Напредувањето кон Мосул на ирачките сили поддржано од САД, е идентично со тоа во Алепо на сириската армија поддржана од руската авијација, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

– Вчера го прашав Џон Кери по телефон што се случува во Мосул. Тие подготвуваат операција за ослободување на тој град од терористите. Алепо исто треба да биде ослободен од терористите, изјави рускиот министер на бизнис форум во Москва.

– Во Мосул е апсолутно истото што го правиме во Алепо. Американската коалиција ги предупреди жителите да го напуштат градот. Во Алепо беа отворени хуманитарни коридори со истата цел, изјави Лавров.

Кери изразил мислење дека ситуацијата е различна.

– Во Мосул го планиравме тоа претходно, додека во Алепо вие ништо не сте предвиделе и страдаат цивили, рекол Кери.

Околу 500 луѓе загинаа и над 2.000 се ранети откако сириската армија и руската авијација почнаа на 22 септември операција за ослободување на Алепо, кој од 2012 година е под команда на бунтовници. Ирачката армија минатата недела почна со офанзива за преземање на Мосул од ИД и е поддржана од коалиција предводена од САД.