Бизнис
19. јуни 2024 - 16:36

Колкави сметки за струја ќе плаќаме од први јули?

Роковите кратки, неизвесноста се поголема – дали и за колку ќе поскапи струјата од 1-ви јули ќе биде познато за неколку дена откако ќе завршат финалните пресметки.

Откако техничката влада одлучи ЕСМ да продава поскапа струја на ЕВН и да обезбеди само 85% од потребите на домаќинствата, дел од експертите препорачаа да поевтини мрежарината или да се укине фиксната давачка од 200 денари за пристап до мрежа. Но, првиот човек на регулаторна тврди дека нема простор за нешто такво.

„Цената на мрежарините ќе се определи кон крајот на декември согласно методологијата, ако нема драматични промени, но ако има ние тоа ќе го направиме порано. Гледам постојано се зборува за надоместокот. Ако се укине тој надоместок тоа ќе значи зголемување на евтината тарифа за 15%, на првиот блок за 9%“ – Марко Бислимовски, претседател на РКЕ

Бислимовски им одговори и на пекарите кои најавија поскап леб ако цената на струјата оди нагоре. Тој тврди дека големите пекарници кои обезбедуваат 90% од потребите за леб, струја користат од слободниот пазар, а не од ЕВН.

„Најголемите пекарски компании се обврзани по закон да одат на слободниот пазар на електрична енергија. И тие купуваат електрична енергија на слободниот пазар. Не смее по закон да биде снабдуван од ЕВН Хоум. Сега јас сум принуден постојано да се борам со факти и да кажувам вистина. На некој не му е срам да лаже и тоа е тоа, со лажговци ќе се разбираме со факти и вистина“ – Марко Бислимовски, претседател на РКЕ

Од сојузот на стопански комори, пак, побараа и на малите компании да им се овозможи пристап до слободниот пазар.

„Што мислите, малите пекарници дали се снабдуваат од слободниот пазар? Или пицериите или останатите мали пекарски субјекти кои немаат услови да имаат промет над 2 милиони евра и над 50 вработени“ – Трајан Ангелоски, ССК

Од РКЕ потсетуваат дека согласно законот за енергетика од 1 јули 2019 години сите потрошувачи и домаќинства и компании можат струја да набавуваат на слободен пазар

Вчера мандарот Мицкоски во Тема на денот на Сител кажа дека нема начин да ја промени последната одлука во врска со цената на струјата, но најави пониски цени на електричната енергија од 1 јануари.