Македонија
14. October 2025 - 16:29

Ќе се реновира железничката станица во Скопје

Целосно ќе се реновира железничката станица во Скопје. Планот е да се зачува основниот изглед, но со модерни елементи. Билбордите ќе бидат забранети, а ќе се отстрани и се што е доградено од првичниот проект.

„Железничката станица не може да биде турбо-фолк хаб во државата. Може да има содржини од општествен интерес, нека има аптеки, некоја цвеќара, нека има комерцијални содржини кои се општо прифатени секаде во светот. Но, доградби како ќепабчилници и ред други работи..мирисот мириса внатре во станица, со новиот проект нема да бидат дозволени“ - Синиша Ивановски, директор на МЖ Инфраструктура

Проектирањето ќе го вршат Архитектонскиот и Градежниот факултет, а би траело околу една година. Реконструкцијата треба да биде завршена за најмногу 6 години, истовремено со пуштањето на брзата пруга на коридорот 10 и железничкиот крак до скопскиот аеродром. 

„За финансирање, или ќе се оди со државниот буџет, втора опција е да се направи заем со ЕБРД, ЕИБ, комерцијални банки, но не ја исклучувам можноста оваа железничка станица да влезе во стратешкото партнерство со Велика Британија“ - Синиша Ивановски, директор на МЖ Инфраструктура

Деканката на Архитеконтскиот факултет оцени дека ќе има многу работа, затоа што станицата е многу запуштена.

„Она што го планираме е да го заживееме пред се просторот на оваа платформа за којашто сметаме дека има голем капацитет да стане социјален хаб. Тоа значи да апсорбира културни содржини кои ќе овозможат одржување на настани, ќе ја збогатиме естетски таа платформа“ - Анета Христова Поповска, деканка на Архитектонски факултет

Деканот на Градежен, пак, рече дека тие ќе работат на целосна реконструкција на елементите од железницата, мостовски конструкции, санирање на свлечишта и потпорни ѕидови.

„Многу е значаен овој почеток бидејќи сакаме да бидеме дел од паневропската мрежа на која припаѓаме. Со овој проект ќе ги обезбедиме условите и стандардите што важат во сите европски земји “ - Јосиф Јосифовски, декан на Градежниот факултет

Железничката станица е отворена во 1981 година како дел од комплексот наречен Транспортен центар. Автор е прочуениот јапонски архитект Кензо Танге.