Македонија
14. October 2025 - 16:31

Проекти и ветувања на кандидатите за Град Скопје

Услови за поквалитетен живот на пензионерите, лицата со попреченост и ранливите категории граѓани на главниот град ветува кандидатот од ВМРО ДПМНЕ. Субвенционирано бањско лекување, 2500 денари помош за пензионерите со најниски примања, целосна инфраструктура за пристапност до институциите се дел од проектите со кои Ѓорѓиевски ја бара довербата од гласачите. 

Приоритет во програмата на кандидатката од СДСМ е целосна реформа на јавните претпријатија. Шукова оцени дека денес Скопје изгледа запуштено и нечисто бидејќи претпријатијата биле заробени од партиски интереси и долгови. 

Старата касарна во Бардовци ќе биде трансформирана во нов Скопски ЕКСПО Центар најави кандидатот на коалицијата Искуство за успех. Во проектот на Трајановски предвидено е  во рамки на комплексот да се изградат и хотелски капацитети, угостителски објекти и зелени површини. 

Старите неискористени индустриски објекти ќе се реставрираат за нови содржини како алтернативна културна сцена и креативни индустрии најавува независниот кандидат професор Марковски. 

Кандидатот за градоначалник на г. Скопје од Левица за денеска најави средби со граѓани во Лептокарија. Во трката за главниот град се 16 кандидати од кои 3 независни поддржани од група избирачи.