Loading Video...
Свет
31. May 2025 - 16:38

Кинеските инфраструктури и нивното влијание

Кина сѐ повеќе ја користи инфраструктурата како алатка за меко влијание, особено на Балканот. Иницијативата „Појас и пат“ кој Пекинг го извезува како инфраструктурен модел на глобално ниво, инвестирајќи масовно во Азија, Африка и сѐ повеќе во Европа не е само економска - туку и стратешка иницијатива.

ЊузМакс ги анализира геостратешките инвестиции на Пекинг, но и на Западните сили. Прво, споменувајќи ја брзата железничка линија Будимпешта - Белград, која е градена со кинески пари, медиумот пишува дека освен што економски ги спојува кинескиот пристанишен објект во Пиреја, Грција и Централна Европа, тоа е и стратешки проект кој овозможува меко влијание на Кина во Европа, особено на Балканот. 

Сепак, во анализата, договорот меѓу Македонија и Велика Британија е посочен како пример дека може да се избере и друг пат. 

- Најнов пример е Северна Македонија, која објави инвестициска алијанса со Обединетото Кралство во вредност од 5 милијарди фунти. Оваа британска инвестиција ќе ја поддржи изградбата на клучната инфраструктура во земјата, со фокус на железничкиот и карго транспорт, подобрување на регионалната поврзаност и зголемување на трговијата. Дополнително, инвестицијата ќе се насочи кон реновирање на болници и унапредување на одбраната преку развој на сајбер-безбедност и дигитална трансформација на македонската влада, се вели во анализата.

Според ЊузМакс, Соединетите Американски Држави и западните сили мораат да најдат начин како да вложат во инфраструктурата.

- Бидејќи Кина сѐ повеќе ја користи инфраструктурата како стратешки инструмент во геополитиката, неопходно е САД и нејзините европски сојузници да формулираат заеднички и визионерски одговор. Инфраструктурата не треба да се гледа само како градежен предизвик, туку како основа на стратешка политика. Во оваа нова глобална реалност, темелите што ги поставуваме денес ќе ги обликуваат идните контури на моќта и влијанието на меѓународната сцена, анализира ЊузМакс.

Договорот за Стратешко партнерство со Велика Британија беше ратификуван во македонското Собрание. Сепак, во јавноста сѐ уште не се познати условите под кои Македонија ќе ги добие британските шест милијарди евра - пари кои, барем според досегашните планови, ќе се користат за инвестиции во железницата и во здравството.