Казни до 10 илјади евра ако трговците не ги објават цените на производите на интернет
Ниту еден трговец не се пожалил од правилникот за објавување на цените на интернет, вели министерот за економија. Почнувајќи од задутре сите поголеми маркети, аптеки, бутици, продавници за бела техника, играчки, железари на веб страна мора да ги истакнат сите производи што ги нудат сосе нивните цени. Ослободени се само трговците кои имаат до 10 вработени. Тој што нема да го почитува законот ќе добие казна и до 10 илјади евра.
„Досега не е пристигната ниту една информација дека имаат проблеми за спроведување на овој правилник. Ако не е постигнато нешто, нормално ДПИ ќе постапува соодветно според своите надлежности“ – изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.
Министерот го образложи правилникот според кој цените ќе треба да се ажурираат секој работен ден до 10 наутро, а во случај на попуст, мора да биде означена и редовната цена, процентот на намалување, како и времетраењето на акцијата.
Очекувањата се дека со ова цените дополнително ќе се намалат. Замрзнатите цени и ограничените маржи на над илјада производи дадоа ефект, смета Дурмиши.
„Во март имаме намалување на инфлацијата на годишно ниво која изнесува 2,7%, додека во март месец споредено со февруари е забележана дефлација од 1,3%“ – изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.
Мерките истекуваат за две недели, а дали ќе продолжат засега е неизвесно. Досега пазарните инспектори направиле над 500 контроли и утврдиле околу 65 неправилности. Забрана за работа од половина месец и парична казна добиле девет фирми меѓу кои маркети, аптеки, увозници дистрибутери.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар