Македонија
10. December 2025 - 15:01

Инвертер климите доминираат над природниот гас: Поефикасни, побезбедни и поисплатливи

Во време кога сметките за електрична енергија растат, а климатските промени стануваат реален предизвик, сè повеќе домаќинства во Македонија почнуваат да ја преиспитуваат својата енергетска стратегија. Граѓаните бараат решенија кои обезбедуваат стабилни трошоци, ефикасно греење и минимално влијание врз животната средина.

Анализите што ги изготви Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест -Скопје, покажуваат дека инвертер климите, односно топлинските пумпи воздух–воздух, стануваат најчесто користено технолошко решение за модерно загревање и ладење на просторот. 

Овие уреди ја користат топлината од воздухот и ја трансформираат во енергија со значително повисока ефикасност — три до пет пати поголема во однос на системите со природен гас. Резултатот е многу пониска потрошувачка и значителни заштеди во текот на годината. 

Во комбинација со соларни панели, трошоците дополнително се намалуваат, што ја прави оваа технологија уште поисплатлива.

Покрај економските придобивки, овие системи имаат јасни еколошки предности: намалени емисии, намалена зависност од фосилни горива и подобар квалитет на воздухот дома и во околината.
Од друга страна, природниот гас — кој долго време се сметаше за „подобра“ алтернатива во однос на другите фосилни горива — сè повеќе го губи приматот како долгорочно решение. Неговата цена е непредвидлива и силно зависна од меѓународните кризи, додека оперативните и почетните трошоци (како приклучување, сервисирање и одржување) често се повисоки од очекуваното.

„Инвертер клима уредите секогаш ќе бидат на прво место, пред секој друг извор на топлинска енергија. Причината за тоа е нормално еколошкиот аспект, потоа доаѓаат ценовните аспекти, односно трошоците за загревање, начинот на одржување, начинот на работа, како и безбедноста на граѓаните при користење на тие уреди. Така што инвертер климите секогаш ќе бидат на прво место, пред користење на природниот гас во делот на производство на топлинска енергија во загревање на домаќинствата“, истакна Драган Миновски, експерт за енергетика. 

Тој оцени дека зголемениот интерес за користење на инвертер клими пред сè се должи на намалените трошоци за загревање, со оглед на економските услови во државата. 
Дополнително, како што посочи, расте и свеста кај граѓаните за влијанието на изворите на топлина врз животната средина.
Осврнувајќи се на Фондот за енергетска ефикасност, тој нагласи дека истиот треба да биде централизиран, затоа што на тој начин пристапот до средства и поддршка ќе биде полесен и транспарентен, и за домаќинствата и за индустријата.

Од Еко-свест наведоа дека природниот гас, иако сè уште присутен, станува се помалку конкурентен поради ценовната нестабилност, трошоците за одржување и негативните еколошки влијанија.

„Современите технологии, како инвертер системите, покажуваат дека греењето може истовремено да биде и поевтино и поодговорно кон околината. Експертските анализи укажуваат дека долгорочната инвестиција во топлински пумпи, соларни панели, изолација и интелигентни системи за управување со потрошувачката, е најисплатливата стратегија — и за семејните буџети и за животната средина“, наведоа од Еко-свест. 

Дополнително, земени предвид сите анализи, централизираниот пристап преку Фондот за енергетска ефикасност би овозможил поеднаква и појасна поддршка за сите граѓани — без разлика во која општина живеат.
Ако се следи овој тренд, иднината на енергетски свесните и модерни домови ќе биде заснована на технологии кои комбинираат економичност, удобност и грижа за животната средина,  а инвертер климите се веќе водечки чекор во таа насока.

Комерцијален текст

Ново на Сител