И покрај зголемените казни, пиротехника користена во спортска сала
Пиротехниката не излегува од мода. Прскалките кои предизвикаа трагедија во Кочани, употребени во спортска сала за одбележување на победата на кошаркарскиот клуб Маџари. На видеото објавено од клубот, освен конфети се гледаат и трите пиротехнички прскалки, иако нивната употреба е веќе забранета и со закон.
Недозволеното користење се казнува со глоби од 250 евра за физичко и до 10 илјади евра за правно лице. Од МВР велат организаторот на спортскиот настан на кој се користела пиротехниката, ќе заработи прекршочна пријава.
„Констатирано е дека организаторот нема пријавено до МВР користење пиротехника, согласно закон за пиротехника. СВР Скопје го повика организаторот при што ќе му биде поднесен прекршок согласно новиот закон за користење на пиротехника“, се вели во известувањето од МВР.
Министерството за спорт, апелира до спортските клубови, да ги почитуваат законите и да се воздржат од недозволена употреба на пиротехника за време на спортските настани.
Во меѓувреме матурските прослави натераа дел од ноќните клубови кои ги изгубија лиценците за работа по пожарот во „Пулс“, на диво да ги отворат вратите за гости. Родители на матуранти сведочат дека плаќале од 4.500 до 15 илјади денари за резервација во неколку скопски дискотеки. Во објектите влегла и полицијата со надлежни инспектори, па повторно ги затвориле – ќе заработат и казни.
„На територијата на СВР Скопје во периодот од први јануари до 22 мај, извршени се акциски контроли во повеќе од 60 угостиелски објекти во координација со Државен пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, како и со трудовата инспекција и Дирекцијата за затштита и спасување. За веќе констатираните прекршувања, се водат соодветни постапки“, велат од МВР.
По трагедијата во Кочани во која загинаа 62 лица, најголем дел од ноќните клубови во Македонија беа затворени, во Скопје, лиценца за работа поседуваат два објекти.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар