Македонија
28. May 2025 - 17:10

ЕУ извештај во кој се признаваат македонскиот јазик и идентитет

Официјална Софија е се уште без одговор за можната средба меѓу македонската претседателка Сиљановска – Давкова и нејзиниот бугарски колега Радев на претстојниот НАТО самит во Хаг.

Додека трае молкот од тамошните власти, бугарските медиуми пишуваат дека Европскиот парламент е пред усвојување на извештај за напредокот на Македонија, кој ќе содржи признавање на македонскиот идентитет и јазик на четири места. Признавањето било постигнато откако известувачот на ЕУ за земјава, Томас Вајц, добил поддршка од уште седуммина известувачи кои ги претставуваат политичките семејства во Европскиот парламент.

Премиерот Мицкоски, очекува европратениците едноглaсно да го усвојат извештајот, а најави и дека како политичка партија ќе испратат луѓе во Брисел чија мисија ќе бидат разговори со европратениците и потребата од усвојување на таквата резолуција. Ја повика и опозицијата да лобира кај сестринските партии во Европскиот парламент.

Во меѓувреме, германската амбасадорка во земјава изјави дека процесот на проширување на ЕУ треба да биде попредвидлив, и дека неопходна е и поголема флексибилност при носењето одлуки во рамки на Унијата. 

Евроамбасадорот Рокас пак вели дека посетата на европските челници се доказ за посветеноста на ЕУ за евроинтеграцијата на државата. Смета дека единствен начин за одржување на мирот и просперитетот на континентот е поврзување на како што вели, сите точки на Европа.

Евроамбасадорот веќе потврди дека се во тек засилени дипломатски активности за да се дојде до можен предлог за деблокада на европските интеграции.