Двајца млади пациенти од трагедијата во Кочани на рехабилитација во Клиниката за физикална медицина
Двајца пациенти кои беа повредени во трагедијата во Кочани почнаа со рехабилитацијата во Клиниката за физикална медицина. Едниот е со изгореници на телото и веќе направена трансплантација на кожа за време на лекувањето во странство а вториот со повреди здобиени во стампедо кога бегале од дискотеката. Тимовите кои работат со нив се под надзор на британски експерти.
- Се работи за млади пациенти на возраст од 18 години. Процесот на рехабилитација се одвива во координација со англискиот тим на експерти кои ја спроведоа обуката и сега практично ја аплицираат со тимот од Клиниката за физикална медицина. Во зависност од повредите, дали е изгореници или контузии третманот е различен, вели д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Клиника за физикална медицина и рехабилитација.
Доктор Мехмедовиќ вели дека обуката на македонските лекари е неопходна за да го возобноат знаењето бидејќи нема често вакви пациенти не само на клиниката со која раководи туку и во државата. А процесот на рехабилитација може да треае од неколку недели до неколку години.
- Не може за било кој од пациентите да кажеме колку ќе трае рехабилитацијата. Генерално знаеме дека во случаи кога има изгореници на поголем дел од телото, а знаеме дека има деца со 30 проценти изгореници по телото, тој процес може да трае долго. Пристапот кај секој пациент е индивидуален и ќе трае колку што треба за да се вратат функциите што биле пред тргедијата, вели Мехмедовиќ.
Од Клиниката за физикална медицина не знаат уште колку пациенти ќе бидат кај нив. Според најавите од Министерството за здравство, на лекување во странство остануваат 33 повредени откако денеска петмина кои беа во Србија ќе бидат вратени во земјата. Утре ќе биде вратен и пациент од Белгија.
Во трагедијата на 16 март, 62 лица го загубија животот а околу 200 беа повредени.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар