Дваесетина од повредените во пожарот во Кочани ќе бидат една до две години на рехабилитација
Дваесетина од повредените во пожарот во Кочани ќе бидат на рехабилитација од една до две години. Тоа го утврдиле здравствените власти со британски експерти со кои ја разгледувале медицинската документација на сите што се хоспитализирани надвор од државата.
А еден месец по големата трагедија, 52 пациенти се уште се на болничко лекување. 47 со недели се под медицински надзор во странски центри. Меѓу нив се и двајца кои од почетокот се во тешка состојба и мало подобрување има кај еден од нив.
-Некои ќе бидат задржани подолго за лекување. Веќе во Литванија најавено ни е дека уште еден месец ќе биде задржан. Имаме најави од земји кои се нудат за прифаќање на пациенти за рехабилитација и тоа бесплатно. А ние ќе се обидеме како Влада барем некој од семејството да биде и престојува таму бесплатно и да бидат покриени сите трошоци, вели Арбен Таравари, министер за здравство.
Во македонските установи на лекување се пет пациенти. Меѓу нив и двајца во Клиниката за хируршки болести Свети Наум Охридски кај кои беше направена трансплантација на кожа заедно со уште 4 пациенти кои веќе се на домашно лекување.
Во страшната трагедија животот го загубија 61 лице а околу двеста беа повредени. Уште истиот ден почна транспортот во странски центри за оние кои имаа сериозни изгореници и повреди. Повеќе од 110 пациенти беа транспортирани и згрижени во болници во 22 европски земји.
Авионски но и со возила на Брза Помош од Србија и Бугарија беа преземени и транспортирани повредените а во исто време се организираше и бесплатен превоз и сместување на членови од семејствата.
Според најавите од здравствените власти, утре уште еден пациент од странство ќе биде вратен дома.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар