Цената на преспанското јаболко
Звукот на тракторот го означи почетокот на работниот ден во овоштарникот на Головодовски. Насадите со јаболка се лоцирани во Златари, во непосредна близина на Ресен, а главен на тимот е сопственикот Влатко. Додека рацете на вредните работници ги одбираа зрелите јаболка помеѓу полните гранки со плодови, дел од работниците ги подготвуваа кутиите за пакување. Во складот, пак, се вршеше селекција на јаболката - која ќе оди за директна продажба, а која ќе заврши во индустриските капацитети.
„Со земјоделство се бавам околу 25 години. Во 2000 година почнав сам. Татко ми и мајка ми, семејството, ми оставија малку земја и сега сум стасан до 5-6 хектари, ги работам сам и со помошници. Мислам дека не сум згрешил. Мило ми е, добро ми е и се надевам дека ќе биде уште подобро. Ако е сѐ како што треба, оваа година над 200 тони јаболка треба да произведеме“, вели овоштарот Влатко Головодовски.Бербата на јаболка во Преспа стартува на 27 септември, а трае до крајот на октомври во зависност од сортата. Во овоштарниците во Преспа, во овој период може да ги сретнете берачите од цела Македонија, земјите од соседството, а најмногу ги има од Mала Преспа. Податоците од пописот во 2021 година покажуваат дека во општината има 4 272 домаќинства, а пак според официјалните податоци на регионалната канцеларија на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во Ресен има 3 500 земјоделци. 60 проценти од нив егзистираат од овој бизнис.
Ако сакате успешен бизнис, мора да инвестирате во начинот на производство, вели Влатко Головодовски. Најголем дел од неговите насади се заштитени со мрежа која нема да дозволи мразот при врнежи од град да ги уништи плодовите. За да ја намали цената на производство, поставил и фотоволтаици преку кои пумпите за наводнување добиваат струја.
„Околу 150 000 тони јаболка се произведува во Преспа. Ако не се јаболката, Преспа е мртва. Кога ќе имаме пласман и кога ќе се продава по добри цени, народот живнува и економијата ќе се раздвижи. Мислам дека Преспа е јаболкото – бренд. Каде и да одите на лекар, ќе ви каже - ракија и едно јаболко“, раскажува Головодовски.Од зелен отпад до зелена надеж - враќање на компостарата во Преспа

Но, на овоштарниците во Преспа освен јаболка се произведува и органски отпад. Според Локалниот акциски план на Општина Ресен (2017-2022), како земјоделски отпад годишно завршуваат од 8 000 до 15.000 тони јаболка, но и речиси 4 000 тони растителен отпад од искастрени и искршени гранки. Она што нема цена за земјоделците најчесто завршува покрај реките и патиштата, наместо да се искористи како биомаса.
„Ние како задруга соработуваме со една земјоделска аптека, колку што можеме се трудиме, се договараме на едно место да го собираме, а после како ги собира комунално претпријатие - тоа е нивна работа“, вели Головодовски.Можностите до пред само 8 години биле поинакви. Во 2013 година, Општина Ресен добила поддршка и започнала изградба на компостара, во која земјоделците го предавале органскиот отпад, а за возврат добивале готов компост. Постројката имала капацитет за производство на 1 000 тони созреана компост годишно. На овој начин, наместо да скапува покрај реките и патиштата и да биде грда слика за туризмот во Преспа, органскиот отпад добивал нова вредност, а со тоа и цена на пазарот. Но, функционалната компостара во 2017 година добила ново раководство и клуч на врата. Оттогаш до денес, компостарата е оставена на забот на времето. Нема пристап до неа, а машините скапуваат.
Љупчо Крстевски бил првиот раководител на компостарата. Тој вели дека плановите биле целосно реализирани, а производството успешно.
„Се направи со цел еден дел од отпадот – а тоа е околу 50 проценти органски отпад - наместо да скапува и загадува, да се направи квалитетен производ и да се рециклира отпадот. Со тоа да се добие ем квалитетен производ ем да се намали загадувањето на водите, почвата и воздухот во Преспа. Ние бевме задоволни, бидејќи тоа беше еден тим. Бевме на студиски обуки во странство, обучивме кадар. Резултатот беше солиден. Земавме материјал од нашата пречистителна станица и тој материјал беше подобен за хортикултура, меѓутоа останатиот материјал беше висококвалитетен компост испитан во лаборатории во Македонија и Англија. Капацитетот беше 1 800 метри кубни“, објаснува Крстевски.Тоа што осум години подоцна се случува со компостарата предизвикува револт кај него. Сега е пензионер и жали што бизнисот кој го развил пропаѓа, а отпадот скапува на диви депонии.
Но, има надеж дека работите ќе се променат. ЈКП „Пролетер“ прави напори да ја рестартира компостарата со поддршката од меѓународните партнери преку програмата „ЕУ за Преспа“.
„Очекувам околу средината на 2026 година да сме во финална фаза на нешто видливо и опипливо на терен. Довербата која тешко се стекнала 2016-2017 година, се надевам дека повторно ќе ја добиеме и ќе произведуваме квалитетен производ што земјоделците ќе можат да го користат понатаму во третирање на своите овошки и земјоделски посеви. Ќе имаме и течен и цврст компост, во согласност со потребите на граѓаните на Преспа. Немаме намера да застанеме на локално ниво, сакаме да направиме и на регионално ниво. Да ги вклучиме и соседните општини Битола, Охрид, Струга и другите околу нас кои ќе можат да учествуваат во производството на компост“, вели директорот на ЈКП „Пролетер“ - Ресен, Марчел Русу.Земјоделците се категорични дека не се виновни за загадувањето

На неколку километри од Златари, покрај езерскиот брег се наоѓа селото Покрвеник. Во еден од нејзините пет овоштарници беше и Фросина Ѓоргиевска. Таа веќе три и пол децении одгледува јаболка. Сведок е за промените и важноста на јаболкото за Преспа. Таа вели дека изминатите 20 години во Преспа јаболкото е поголем бренд од езерото.
„Претходно беше езерото кога имавме масовен, развиен туризам и кога ние преспани обично кажуваме дека езерото беше до самиот пат. Сега е веќе повлечено, така што за масовен туризам воопшто не можеме да кажеме дека постои. Не знам за колку време дали ќе постои воопшто, а јаболкото и понатаму егзистира и се садат нови насади, модерни насади со потпорни конструкции и заштитни мрежи“, вели Ѓоргиевска.За да се намали употребата на пестициди во овоштарството, пред 20 години регионот добил агрохемиска лабораторија за педолошка анализа на почвата и на 8 места се поставени агрометеоролошки станици.
„Преку пораки, а порано преку пишани текстови, ги известуваме земјоделците во кој момент треба да вршат заштита од болеста која предизвикува многу штета на јаболката, а тоа е фузиквадиумот. За појава на црвот користиме феромонски мамци, што не беше случај порано. За ѓубрењето користат агрохемиски анализа со препораки за кое ѓубриво и со која количина да ѓубрат. И секој пат кажуваме дека ние ги користиме препарати кои што ги наоѓаме во нашите земјоделски аптеки. Тоа што ни е дозволено од државата“, објаснува Ѓоргиевска.Сепак, голем дел од земјоделците не ѝ веруваат многу на технологијата, па сѐ уште прскаат тогаш кога тие мислат дека е најсоодветно, наместо по препораките добиени од агрометеоролошките станици. Земјоделците имаат различно мислење и за влијанието на отпадот врз состојбата со Преспанско Езеро.
„Употребата на пестицидите ние го вршиме фолијарно. Тоа значи дека третираме на едно место и тоа останува во почвата. Количините на врнежи во текот на летниот период не се големи за да може таа количина на пестициди да се измие и да оди во езерото. Исто така и со ѓубривото. Претежно користиме кристални ѓубрива кои што се аплицираат преку системите за наводнување и одат директно во почвата. Не се промиваат со дождот и да одат во езерото. Тезата дека земјоделците се виновни за состојбата со водата на езерото, според нас земјоделците не е така“, смета Ѓоргиевска.Меѓу јаболката и езерото - потрага по рамнотежа во Преспа

За науката нема дилема. Опасните пестициди кои се користат во земјоделството преку подземните води и реките завршуваат во Преспанско Езеро, а тука остануваат со децении. Мерењата на Хидробиолошкиот завод од Охрид покажале дека и по 50 години, дел од забранетите ѓубрива сѐ уште ги има во месото на рибите.
„Штетни материи кои сега се забранети во форма на фунгициди, пестициди, инсектициди, хербициди, коишто се користеле во далечното минато, за жал, пред околу 20 години се констатирани во Преспанско Езеро. Тоа се метаболити на тие пестициди, меѓутоа биле констатирани во водата и седиментот на езерото, меѓутоа и во ткивата на рибите, конкретно на барбусот. Сето тоа што ќе заврши во езерото останува многу долги години, и може дури после 50 и 100 години да биде детектирано“, посочува Орхидеја Тасевска, директорка на Хидробиолошкиот завод во Охрид.Таа вели дека тие како институција вршат редовни мерења на квалитетот на водата односно четири пати годишно за да ги видат промените во пролет, лето, есен и зима и еднаш месечно во туристичка сезона за да го проценат влијанието. Официјалните статистички податоци покажуваат дека 65 тони пестициди на годишно ниво се користат само во овој регион.
„Дефинитивно констатираме дека органскиот отпад е присутен во водата, што значи дека не само што ја оптоварува водната средина - затоа што се збогатува водната средина со нутриенти, а можеме да посведочиме дека азотот и фосфорот ја зголемуваат својата концентрација - туку доведува и до зголемување на самата продукција во езерото. Тоа значи дека се зголемува продукцијата на фитопланктонот – првата алка во синџирот на исхрана. Следствено на тоа доаѓа до промени во зоопланктонот, којшто се храни со фитопланктонот и секако понатаму синџирот на исхрана претрпува промени. Доаѓаат на ред рибите, па понатаму во трофичката пирамида на исхрана – птиците и на крај нормално човекот кој ја конзумира рибата“, објаснува Тасевска.Според неа, решението е во вложување во таргетиран мониторинг, односно во истражувања на состојбата со пестицидите без разлика на типот на агрохемикалии, зајакнување на капацитетите на локалната самоуправа и институциите кои се занимаваат со проучување на состојбите, подигање на јавната свест, поголема едукација на земјоделците за паметно земјоделство и органско производство, како и одржлив развој на регионот.
„Преспанско Езеро го делат три држави и решенијата и преземените мерки мора да бидат еднакво споделени меѓу сите три држави. Доколку немаме заеднички мониторинг, споделување на резултати и не бараме заеднички солуции за тоа што се случува, никогаш нема да ги решиме проблемите затоа што не се решаваат еднострано“, вели Тасевска.Државата прави напори да го поттикне органското производство кое не дозволува употреба на пестициди во овоштарниците. Субвенциите за органско одгледување се двојно поголеми од традиционалниот начин. Локалното комунално претпријатие во Ресен планира зголемување на собирните пунктови за агрохемиски отпад, а веќе почнале со санација на постоечките бидејќи низ годините голем дел од нив прераснале во диви депонии.
И годинава на 27-ми септември официјално беше означен стартот на бербата на јаболка во Преспа. Присуството на локалната и централната власт на исто место и пораките кои ги испратија влеваат надеж дека решенијата може да се имплементираат.
Документарниот филм го изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со ТВ Сител во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската унија.Ново на Сител
-   
           МЗ: Продолжува процесот на континуирано стручно усовршување на докторите по стоматологија
-   
           Социјалистичка партија: На 2 ноември гласаме за иднината на Македонија
-   
           Кривични пријави за наставничка и директорка од Кавадарци кои ширеле приватни пораки на нивна колешка
-   
           Скопјанец осомничен за повеќекратно загрозување на сигурноста на својата поранешна девојка
-   
           Клековски: На иницијатива на Фондот за здравствено осигурување почна проценка на критериумите за здравствено осигурување
-   
           Пријавување за субвенциониран студентски оброк од 1 до 5 ноември
-   
           Мицкоски за обвинувањата на Филипче за притисоци: Одговорно тврдам дека ова се најдемократски и најфер организирани избори
-   
           Раст од 2,7 проценти на индустриското производство во септември на годишно ниво







