Антикорупциска ќе ги проверува тендерите во Министерството за дигитална трансформација
Антикорупциска ќе проверува дали постои судир на интереси во постапката за доделување на.тендери во Министерството за дигитална трансформација, откако СДСМ објави дека фирмата која ги добила е во сопственост на сопругот на државната секретарка.
-Во текот на вчерашниот ден по објавите во медиумите, Антикорупциска комисија оформи предмет по сопствена иницијатива и ќе постапува да се утврди дали има судир на интереси.
Министерот за дигитална трансформација тврди дека наводите на СДСМ се лажни. Најави дека ќе достави докази за постапката кога тоа ќе биде побарано од Министерството. За изјавите од СДСМ, министерот Андоновски најавува пријави за клевета и навреда.
СДСМ веќе трет ден се обидува да ја манипулира македонската јавност. Убедени сме во законитоста на постапките, и стоиме на располагање на сите надлежни за целосно расчистување на случајот со информации и документи за оваа или други процедури за јавни набавки.Во понатамошниот период нема да го коментираме овој случај, за да се остави простор и објективност на институциите да постапуваат, вели Андоновски.
За СДСМ ова е јасен случај на корупција- доказ дека не е само семеен, туку и партиски интерес добивањето на тендерите. Според нив, сопругот на државната секретарка, кој ги добивал тендерите во министерсвото на Андоновски е жесток поддржувач на Мицкоски и ДПМНЕ. Бараат обвинителството веднаш да постапува.
СДСМ обвини за конфликт на интерес, непотизам и сомнение за корупција во врска со две јавни набавки во вредност од 50.000 евра што ги добила фирма која е во сопственост на сопругот на државната секретарка во Министерството за дигитална трансформација.
-
Ивана Соколовиќ Најдовa
Сите содржини од овој новинар