Македонија
12. March 2025 - 19:41

Бубрежно болните на дијализа спас гледаат во трансплантација

По повеќе од една деценија на дијализа Киро Христовски пред 3,5 години почнал да живее нормален живот кога добил бубрег од починат донор. 

- Апел до сите кои се на дијализа да ги направат потребните испитувања, затоа што никогаш не се знае кога ќе ги повикаат за да може да се трансплантира, да им се смени животот и да почнат да пишуваат друга приказна во својот живот, вели Киро Христовски, пациент со трансплантиран бубрег.

Шанса да си го променат животот исто како и Киро чекаат 167 пациенти. Спас од апаратите за дијализа гледаат во бубрег од кадавер. 

- Во моментов има 167 пациенти кои чекаат на листата за трансплантација од починато лице. Листата постојано се ажурира, изјави Науч.сор.д-р Галина Северова, Клиника за нефрологија.

- ХЛА кога ќе се направи еднаш и за цел живот е истата ХЛА, рече проф. д-р Гоце Спасовски, Клиника за Нефрологија.

Во пресрет на светскиот ден на бубрегот од здружението Нефрон побараа во државата годинава да се направат повеќе од првично планираните 5 кадаверични трансплантации, а од Фондот за здравство добија подршка и најава дека наскоро ќе има и нова современа терапија за бубрежно болните.

- Програмата за трансплантација за 2025 година предвидува пет кадавери што во старт е премалку за потребите и очекувањата на пациентите, изјави Душко Ѓоргиев, претседател на здружението  „Нефрон“.

- Ќе направиме максимален напор да ја поддржиме Клиниката за колку е потребно, толку трансплантации да се направат. Свесни сме дека тоа е животна промена за пациентите. Истовремено, тоа е и заштеда на средства на друго место, рече Сашо Клековски, директор на ФЗО.

Во моментот во Македонија зависни од дијализа се околу 1700 бубрежно болни, а 500-тини пациенти со трансплантиран орган се следат на Клиниката за нефрологија.