Македонија
25. April 2025 - 16:43

344 милиони денари ќе се слеат на државните универзитети, јавните научни установи и во МАНУ

344 милиони денари од буџетот ќе се слеат на државните универзитети, јавни научни установи и на МАНУ. МОН распиша два конкурси за да финансира научно-истражувачки проекти. 

„Едниот конкурс е наменет за финансирање на 40 научно – истражувачки проекти на државните универзитети, факултети, научни институти и Македонската академија на науките и уметностите. Вториот конкурс е наменет за распределба на средства на осумте самостојни јавни научни установи, кои вршат дејност од висок стратешки и национален интерес за државата“, изјави Весна Јаневска, министерката за образование. 

По завршувањето на конкурсите, ќе се распише и повик за рецезенти, кои ќе одлучуваат кој ќе добие пари за истражувањата. 

Академската фела години наназад алармира дека државата не инвестира во науката. Финансирање на проекти од ваков тип немало над една декада, освен во 2022 година, со значајно помал буџет.