1.200 ученици во Прилеп го формираа македонското знаме – започна одбележувањето на 11 Октомври
Над 1.200 ученици од сите основни и средни училишта денеска на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во Прилеп го направија македонското знаме со големина од 24 на 12 метри во чест на големиот национален празник 11 Октомври. Оваа традиција започна во 2010 година, а се возобнови во 2023-та по 5 годишна пауза. Ова е единствен ваков настан во Македонија со кој достојно се одбележува празникот 11 Октовмри, а се дава и почит на нашиот национален симбол знамето.
„Секоја година одбираме ученици од 8 и 9 одделение од основните училишта и 1 и 2 година од средните, така што сите ученици ќе имаат можност во текот на образовниот процес да се дел од овој настан“, рече Златко Думбалоски, професор по физичко образование.
Со ова актвиност започнува одбележувањето на утрешниот празник во Прилеп, а за вечер е подготвен импровизиран напад на градот, огномет и богата културно уметничка програма. Прилеп годинава освен што одбележува 80 години од победата над фашизмот, тој прославува и 50 години откако го добива Орденот народен херој на 7 мај во 1975 година од страна на маршалот Јосип Броз Тито. Куриозитет е тоа што само уште 7 други градови на ниво на тогашна Југославија го добиваат ова поризнание, покрај Прилеп, а тоа се Љубљана, Загреб, Белград, Нови Сад, Приштина, Дрвар и Цетиње.
„Прилеп дал 650 жртви, дал 15 народни херои од кои 10 загинале, а 5 ја продолжиле својата борба во слободарска Македонија. Прилеп имал 24-25.000 жители во тој период, а според некоја статистика имаме 8.000 учесници во НОБ, или тоа е секој трет, една фрапантна бројка која зборува за херојството, за ангажманот и учеството на Прилеп и прилепчани во НОБ. Ако земиме во предвид дека од тие 8.000, 2.700 се со пушка во рака“, рече Рубин Белчески, историчар.
„11 Октомври е кулминација за создавањето на македонската држава, како институционална држава по принципите на Француската револуција, односно се остварила вековната борба и идеалите на наште револуционери, како што се Гоце Делчев, Дамјан Груев, Јане Сандански, Питу Гули и други“, вели Горајн Василевски, историчар.
За утре е предвидено полагање на свежо цвеќе на високи државни делегации на спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман јосифоски Питу и Могилата на Непобедените.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар