Македонија
21. November 2024 - 16:42

Зошто пропадна тендерот на ЈСП за набавка на нафта?

Автобусите на ЈСП Скопје останаа без нафта. Тендерот пропадна откако Бирото за јавни набавки ја поништи постапката. Сега тезата на Град Скопје е дека ова е прв тендер кој е поништен на ваков начин и дека власта се обидува преку Бирото да му прави опструкции на Јавното сообраќајно претпријатие.
Но дали е така?

Во одговорот кој Сител го доби пред два дена, од Бирото за јавни набавки ни објаснија дека секој тендер во вредност од над половина милијарда евра се предмет на управна контрола.
За Бирото, спорна е точката 1.4.8. од тендерската документација. Извршивме увид на документацијата за да видиме што е спорно за Бирото.

Оваа точка го регулира негативното наддавање. ЈСП во огласот самиот напишал дека сите понудувачи треба да достават понуда за највисока цена на литар нафта која ќе биде пониска од 100 денари без пресметан ДДВ.

- Доколку има само една понуда од 100 денари без пресметан ДДВ или по завршување на електронската аукција, конечната цена биде 100 денари без пресметан ДДВ, понудата ќе се смета за неприфатлива согласно одлуката за потреба и техничка спецификација, си напишало ЈСП во самиот оглас.

Пристигнала само една понуда - од Пуцко Петрол кој барал 100 денари за литар нафта без пресметан ДДВ. 

Затоа и Бирото за јавни набавки ја понуштува постапката. Според Бирото, дадени биле насоки и инструкции што треба да преземе ЈСП. Но Јавното сообраќајно претпријатие не ја искористил ниту можноста да ги оспори инструкциите на Бирото преку механизмите што му стојат на располагање. Но доколку договорот меѓу ЈСП и Пуцко Петрол го склучеле договорот не значи дека ЈСП ќе плаќал 118 денари за литар нафта.

Нафтата е берзански продукт и нејзината цена ја регулира Регулаторната комисија за енергетика. Тоа значи дека ЈСП ќе плаќа толку – колку што ќе одреди РКЕ, на денот на испораката на нафтата. И во минати договори ЈСП имал вакви клаузули за максимална цена за литар нафта.

Уште истиот ден по одлуката на Бирото за јавни набавки, ЈСП објавил нов оглас за набавка на нафта. Во новиот оглас воопшто ја нема точката која го пропадна првичниот тендер, што значи дека понудувачите ќе можат да дадат понуда и повисока од 100 денари за литар нафта. Тендерот е за две години, за набавка на 16 милиони литри нафта.

Во меѓувреме, и Јавното обвинителство и Финансиската полиција почнаа да ги „чешлаат“ тендерските постапки.

- Во врска со проблемот со јавниот превоз во Скопје, Основното јавно обвинителство Скопје ги следи сите информации и веќе се дадени одредени насоки за Управата за финансиска полиција да ги испита постапките за јавни набавки на мазут за потребите на ЈСП, велат од Јавното обвинителство.

ЈСП Скопје годинава има склучено еден договор за набавка на мазут. Договорот е склучен 4 ноември годинава со ЕУРО ПЕТРОЛ од Чешиново во вкупна вредност од 154.000 евра.