Македонија
8. јуни 2016 - 13:58

Зголемено нивото на бучава во Куманово

Зголемено е нивото на бучава речиси на сите мерни места во Куманово, информираа денеска надлежните од Центарот за јавно здравје во тој град, на презентацијата на резултатите од мерењето на комуналната бучава, што го извршиле нивни екипи во текот на мај. 

Доктор Мимоза Величковски, специјалист по хигиена во таа јавна здравствена установа, денеска истакна дека граничните вредности се зголемени од пет до десет децибили над утврденото гранично ниво. Највисока вредност на бучавата, соопштуваат од Центарот, e измерена на најголемите сообраќајници во централното градско подрачје во дневниот период.

- За време на мерењето на комуналната бучава опфатени се различни периоди од текот на денот во 10 и 13 часот, со што се мери дневната бучава. Нивото на комуналната бучава се мери и во 19 и во 23 часот. Врз основа на овие мерења се добиваат податоци за целодневна комунална бучава, која, како што покажаа податоците, е зголемена, рече Величковски.

Што се однесува до здравствените ефекти кои ги предизвикува зголемената комунална бучава, посочи Величковски, не може да се кажат конкретни податоци бидејќи допрва ќе следува поопширно испитувања на граѓаните преку анкетни прашалници.

- Преку нив ќе биде анализиран степенот на вознемиреност кај популацијата и нарушување на сонот. Тоа се два индикатори според правилникот за штетни дејства на бучавата и дури тогаш може да зборуваме колку од бучавата доаѓа во становите, што зависи од звучната излација, од ориентираноста на станот кон крстосниците на дневната и спалната соба каде се поминува најголемо време од денот, појасни Величковски.

Потенцира дека постојат и други фактори кои одредуваат колку бучавата влијае врз популацијата, а тука, подвлече, се и субјективното чувство за бучавата и колку вознемирувачко делува кај граѓаните.

Според Величковски, пообемното истражување ќе се спроведе наскоро, а во моментов пополнети се околу 100 анкетни прашалници.

Мерењата на бучавата се спроведуваат два пати годишно на десет локации во градот со што се опфаќа комуналната бучава (сообраќај, угостителски објекти, градежни активности...). Локациите каде се мери бучавата одредени се во соработка со Министертвото за животна средина и просторно планирање.