Македонија
13. May 2024 - 16:34

Проекција на НБРМ: Намален раст и забавена инфлација – Цените на храната двојно повисоки од светските

Скромен раст од 2,6% годинава очекува Народната Банка. Очекуваниот раст е понизок од тој што го предвидување НБРМ во есенскиот извештај кога проектираше раст од 3%. Тоа главно се должи на послабите остварувања во првиот квартал од годинава, надолната ревизија кај најзначајните трговски партнери и помала реализација на структурните проекти.

Централната банка очекува забавување на ценовниот раст и просечна стапка на инфлација од 3,5%. Веќе од следната година се очекува инфлацијата да се стабилизира на историскиот просек од 2%.

Оценката на НБРМ е дека цените на храната во Македонија се се уште високи, наспроти глобалните трендови.

-Кај нас растот на цените на храната започна подоцна од растот на светските цени на храната. Меѓутоа, исто така се уште не гледаме некои позначителни надолни прилагодувања кај цените на храната. Кај нас, сега ако го споредиме нивото на цените на храната во споредба со предпандемискиот период, тие се речиси двојно повисоки од нивото на светските цени на храната, вели гувернерката Анита Ангеловска Бежоска.

Македонија се уште се бори со висок буџетски дефицит и јавен долг кој го надминува психолошкиот праг од 60% од Бруто домашниот производ. По најавите од идниот мандатар, Мицкоски за задолжување од една милијарда евра кај странска влада, гувернерката вели дека треба да се внимава на условите кои главно се поповолни кај меѓународните финансиски институции.

-Во услови на глобален амбиент каде условите се затегнати и каматите значајно повисоки, иако има одредено стабилизирање, многу е значајно да се фокусираме на соодветните избори за финансирање на државата. Секако, еден  од важните фокуси треба да ни бидат меѓународните финансиски институции каде условите под кои ги даваат кредитите се поповолни од пазарите, вели Бежоска.

Новата влада која ќе се формира во наредниот период ќе мора да се фокусира на финансиска консолидација за да ја одржи макроекономската стабилност. Тоа, според Бежоска е клучно заради долгорочна одржливост на јавните финансии и за поддршка на монетарната политика за стабилизирање на инфлацијата.