Бизнис
25. јуни 2018 - 13:09

Зголемен интересот за субвенциониран годишен одмор кај работниците со ниски примања

Вкупно 1.300 работници ги исполниле условите и добиле ваучери за субвенциониран годишен одмор од пријавените над  1.900 на огласот од 2 април до 31 мај годинава. 

Како што рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши, со оглед дека со оваа бројка ќе бидат исцрпени 20 милиони денари од предвидените 30, распишан ќе биде уште еден оглас кон крајот на август. 

- Првиот повик покажа дека интересот за субвенциониран годишен одмор е зголемен за 68 отсто. Работниците може да ги користат ваучерите во еден од 30-те хотели со кои имаме потпишано меморандуми за соработка и зависно од цената на аранжамните, да престојуваат кај нив, два, три или седум дена, истакна Бектеши.

Единствен услов за добивање поддршка за годишен одмор е семејството на работникот кој аплицира, да нема месечни приходи поголеми од 22.000 денари. 

- Потполно сме посветени на зголемување на домашниот туризам, но и на тоа да им помогнеме на домашните угостители да го зголемат својот обем на работа и вон сезоната, нагласи Бектеши. 

Одговорајќи на новинарско прашање за барањето на градоначалникот Петре Шилегов дистрибутивната мрежа за парно греење од БЕГ да ја преземе Градот, Бектеши рече дека за ова нема добиено официјално писмо.

- Кога ќе стигне барањето во писмена форма, ќе го разгледаме од аспект на сите можности и економска оправданост и ќе се произнесеме, одговори министерот.