Македонија
4. February 2025 - 21:17

Земјиштето околу Собранието ќе стане безбедносна зона

Просторот околу Собранието станува безбедносна зона. Тоа значи дека земјиштето станува сопственост на државата или директно на парламентот, а во него ќе се воспостави посебен режим на контрола, активности и движење. Просторот, според плановите нема да биде затворен, и граѓаните ќе можат да поминуваат низ него. 

Новиот статус на собрaниското земјиште ќе биде регулиран со посебен Закон за прогласување на безбедносна зона околу Собранието, кој веќе е во завршна фаза, брифираше и собранискиот спикер Гаши.

Се работи за површина од неколку десетина илјади квадрати од почетокот на главниот влез до зградата на Домот на АРМ, па се до новата црква Свети Константин и Елена, паркингот позади собраниската зграда и мини паркот, па се до задниот влез и до Статистика. 

Законот за безбедносна зона се изработува во парлментот, но бил договаран заедно со МВР, Министерството за одбрана, општината Центар, а делумно и со сопственикот на земјиштето зад Собранието по неколку состаноци организирани од Гаши. Најголем дел го опфаќа приватното земјиште откупено од државата пред повеќе од 10 години на кое инвеститорот требаше да изгради катна гаража и деловни објекти, но поради административни проблеми тоа досега не се случи. Тој се обиде летово да го огради просторот, но поради близината од само 10 метри од парламентот, кој е објект од посебно безбедносно значење, подготовките се прекинати и се почнаа преговори.

Според брифинзите на Гаши, се уште нема конечен договор, но веројатно приватниот сопственик ќе се обештети со тоа што ќе му се врати сумата што тој ја платил за откупот на земјиштето бидејќи поради специјална безбедносна зона ништо од претходните статуси на земјиштето нема да важи.

Треба да се утврдат и точните ингеренции на МВР со Министерството за одбрана на потегот кај Домот на Армијата.

Земјиштето е во строгиот центар на градот и го покрива урбанистички план од општина Центар. Според надлежните во општината, оваа површина е предвидена со комунална дејност – катна гаража. По промената на статусот во безбедносна зона, ДУП-от барем засега нема да биде променет, но земјиштето останува во државна сопственост без можност да се отуѓува и само таа може да одлучи дали ќе ја искористи намената.

Паркирањето на народните избраници и на службата во парламентот веќе со децении е проблем на кој алармираат од Собранието. Идеите одеа од подземна гаража, до закуп на паркинг места на околните градски паркинзи, па се до изградба на катна гаража. По новиот статус, на дел од земјиштето, според најавите ќе бидат обновени постојните паркинг места околу зградата на парламентот.