Зеленски гледа напредок по прашањето за западните гаранции за безбедноста на Украина
Раководството на Украина соопшти дека гледа напредок во барањето безбедносни гаранции од Западот против идната руска агресија. Ова го изјави претседателот Володимир Зеленски во своето традиционално вечерно видео обраќање, пренесува ДПА.
Тој зборуваше за „дипломатски успех“ и истакна дека 18 земји се приклучиле на декларацијата на Групата седум (Г7) за да обезбедат такви гаранции, но не навлезе во детали. Меѓу овие 18 земји е и Северна Македонија, за што неодамна Зеленски се заблагодари на земјата, како и на премиерот Димитар Ковачевски.
Зеленски во својата порака се осврна и на претстојниот Ден на независноста на Украина в четврток, посочувајќи во таа насока дека неговата земја направила чекор напред во станувањето една од најсилните земји во светот. Украина, разурната од војна, се брани 18 месеци со помош на Западот против Русија, која започна целосна инвазија на нејзината територија на 24 февруари минатата година.
На денот на независноста годинава ќе се навршат точно една и пол година од почетокот на воениот конфликт, забележува ДПА.
Шефот на претседателскиот кабинет во Киев, Андриј Ермак на социјалната мрежа Телеграм објави дека се водат преговори за безбедносни гаранции со САД и Велика Британија. Се очекува да започнат контакти за ова прашање и со другите земји од Г-7. До крајот на годинава треба да се склучат првите билатерални договори, посочи тој.
Прашањето се заснова на тоа да не се дозволи нова војна или повторување на агресијата на Москва по завршувањето на руската инвазија, појасни шефот на кабинетот на украинскиот претседател.
Зеленски и Ермак истакнаа дека продолжува работата на „формулата за мир“. Една од главните цели е да се повлечат руските трупи пред какви било преговори. Русија ја отфрла таквата можност како нереална.
Според Зеленски, 63 дипломатски претставништва во моментов работат на оваа „мировна формула“. Се зголемува бројот на амбасадори од различни земји кои учествуваат во оваа активност, додаде Ермак. Тој очекува дека во рок од еден месец ќе има нова средба на овие земји во формат на советници за безбедност, на која ќе се подготви свикување на миротворниот самит.
Според претходна изјава на Ермак, лидерски форум треба да се организира до крајот на годинава, а во моментов се разговара за местото каде што ќе се одржи.
По првиот самит, планирано е да има и втор, на кој веќе ќе учествува Москва. Претседателството во Киев рече дека се надева дека Русија дотогаш ќе капитулира.
Ново на Сител
-
Владата на Јужна Кореја нареди безбедносна проверка на сите авиони Боинг 737-800
-
Кривична за 13 лица за криумчарење луксузни возила, меѓу нив и вработени во МВР
-
Најстудено со -8 степени во Берово, 4 во Гевгелија
-
Најмалку 70 луѓе загинаа во Етиопија откако преполн автобус падна во река
-
Почина поранешниот американски претседател Џими Картер
-
Гвардиола: Ни требаше оваа победа, по Нова година ќе биде подобро
-
Фини-Смит премина во Лејкерс, Дианџело Расел се враќа во Бруклин
-
ЕУ предупредува на руската „флота во сенка“, ветува посилни контрамерки