Македонија
1. October 2017 - 12:48

Зажнејување на ориз во рамки на Деновите на кочанскиот ориз

На земјоделските површини на Институтот за ориз во Кочани денеска симболично беше означена годинашната жетва на оризот.
 
Во присуство на  министерот за земјоделство, шумарство и вопдостопанство Љупчо Николовски, како и гости од повеќе европски земји, првиот откос со срп го означи годинешната жетварска убавица на Кочани, Ангелина Димитрова.
 
Присутните на зажнејувањето на оризовиот клас присуствуваа и на вршидбата на оризот со џевгар, традиција која се негувала на овој простор од дамнина.
 
- Зголемување на субвенции од 18 илјади денари по хектар засеана површина со ориз осносно дополнителни 18 илјади денари на постоечките субвенции по хектар, е мерката која Владата ќе ја примени, најави министерот Николовски.
 
За градоначалникот на Кочани Ратко Димитровски, оваа меѓународна манифестација е убава можност таа да се развива и во наредните години со нови содржини потпомогната од Владата и ресорните министерства.
 
За најуспешен земјоделски производител во кочанско за годинава е прогласен индидвиуалниот земјоделец Игор Арсов од Кочани, на кого му припадна и паричната награда од општина Кочани.
 
Манифестацијата Денови на кочанскиот ориз ја следеа делегации од повеке европски земји.
 
Во Паркот на револуцијата на повеќе штандови беа презентирани јадења подготвени од ориз, а во културно уметничката програма свое учество имаше фолклорни ансамбли и пејачот Ефто Пупиновски.