Македонија
19. August 2024 - 21:18

Заврши средбата Мицкоски - Арсовска

Првиот човек на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода е песимист по средбата меѓу премиерот и скопската градоначалничка. Ѓорѓиевски не очекува дека Арсовска ќе понуди план за решавање на проблемите во главниот град. Наместо да бара неколку денови, смета дека, градоначалничката, требало да понуди решенија.

„Госпоѓата Арсовска заклучила дека и треба дополнително простор за да излезе со некој план, Јас бев искрено зачуден како може да настапи на средба и да не понуди никакво решение за излез од кризата. Особено што владата настапи и претседателот Мицкоски, на кого му се заблагодарувам за брзата реакција со момент на оставање на можност да се истапи од страна на Градот Скопје со конкретен план, предлог и конкретни барања од страна на Владата како таа да им помогне“, изјави Орце Ѓорѓиевски, Претседател на ЗЕЛС.

Загриженост има и во Владата. Очекувале конкретен план од Арсовска, но таа барала дополнително време за да ги стави своите предлози на хартија и да им ги понуди на градските советници. Се обврзала тоа да го стори до крајот на неделава.

„Можам да кажам дека уште позагрижени сме сега, него пред да почне состанокот. На кратко, нашите очекувања како Влада беа дека од страна на Градот ќе слушнеме некаков план или некакви реални потреби кои што ќе можеме ние како Влада да помогнеме за тој план да се реализира. Но, од нивна страна не слушнавме ништо конструктивно. Градоначалничката предложи до крајот на оваа недела да состави некаков план кој што пред се ќе биде презентиран пред советниците во рамки на Советот на Град Скопје, иако нашите очекувања не се големи,морам да признам, за жал“ – Златко Перински, министер за локална самоуправа. 

Арсовска веќе за утре најави средба со медиумите, за како што пишуваат, во врска со исходот од состанокот одржан во Владата.

Од таму пак информираа дека засега нема одлука за одземање на ингеренциите за Комунална хигиена и Паркови и зеленило. Ќе го чекале планот на градоначалничката, па потоа ќе се анализирал предлогот да се поделат претпријатијата на општините.