Македонија
11. September 2024 - 16:37

Мицкоски: Тензиите околу црквата во Врапчиште се дел од обидите за дестабилизација

Делувал по службена должност поради узурпирање на државно земјиште. Градоначаланикот на општина Врапчиште по средба со претставници на тетовско-гостиварската епархија на прес-конференција ја нарече „криминална“ групата која од саботата се обидува да ја реставрира црквата „Света Петка“ во гостиварско Врапчиште.

Вели, на средбата, претставниците од Црквата се оградиле од групата. Тврди и дека никој досега не почнал процедура за реставрација.

Од Тетовско-гостиварската со смирувачки тонови. Оттаму велат дека целта на средбата било да се изнајде заедничко мирно законско решение во духот на традиционално добриот меѓуверски соживот во гостиварско.

-Имајќи во предвид дека токму оваа црква и ова верно население веќе еднаш беа сурово оштетени во воената 2001 година, а нашето поднебје е дом на повеќе народи и вероисповедувања, апелираме на воздржаност, трезвеност и посветеност кон мирот и меѓусебното почитување, за да градиме хармонично општество со вистински вредности. Тетовско-гостиварската епархија силно го поддржува владеењето на правото и во таа смисла останува отворена за изнаоѓање на решение за секој проблем по законски пат, велат оттаму.

Премиерот вели, ова е еден од обидите за дестабилизација, очекувајќи слични инциденти да се случуваат и во иднина. Проблем гледа во Законот за полиција, бидејќи поради него МВР не можело да ги направи промените во раководните структури и целосно да ја контролира ситуацијата.

-Ако се земе предвид и политичката проминенција и поддршката на градоначалникот во општина Врапчиште, но и сѐ уште раководната структура во ОВР Гостивар тогаш многу лесно може да се дојде до заклучокот дека ова е дел од оној фолклор кој се подготовува за обид за дестабилизација и етничка нетрпеливост. И ваков тип на инциденти во периодот кој што следи, ќе има, вели Мицкоски.

Поранешниот министер за внатрешни и сегашен пратеник, Спасовски, вели проблемот мора да се реши институционално. Го критикуваше неговиот наследник Панче Тошковски за работата на полицијата, но вели, не смеат да се дозволат меѓуетнички и меѓурелигиски тензии.

-Сѐ што треба да се решава, треба да се решава помеѓу инститицуите на системот. Дали е тоа МПЦ-ОА, исламската заедница, католичката црква, локалната самоуправа, државната власт, преку дијалог мора да се дојде до решение. Затоа што на крајот граѓаните треба да ги сносат последиците. Затоа сметам дека неоправдано е, и го осудувам приведувањето на било кој во еден ваков случај, вели Спасовски.

Донаторот за реставрирање на црквата „Света Петка“, Душко Павловски вчера по протестот пред општина Врапчиште беше приведен откако одбил наредба да го напушти објектот на општината. Според извештајот на полицијата, градоначалникот ги примил демонстрантите, но со барање да не снимаат со телефони. Откако одбиле, побарал од полицајците да го испразнат објектот. Павловски и уште едно лице ја одбиле наредбата и пружиле отпор, по што беа приведени. По службен разговор во Полициска станица во Гостивар биле пуштени.

Во саботата група граѓани почнале да го расчистуваат просторот околу црквата. Но по пријава на Градежниот инспекторат на општина Врапчиште интервенирала полицијата која ги прекинала градежните работи. Во неделата имаше тензии помеѓу работниците и полицијата.

Црквата „Света Петка“ е изградена во 90-тите години од минатиот век. Во воениот конфликт во 2001. припадници на УЧК ја запалиле. Црквата се наоѓа на магистралниот пат помеѓу селата Врапчиште и Топлица.

Инаку, во општината живеат околу 20.000 луѓе, најголем дел Албанци. Вториот најголем етникум се Турците, а живеат нешто помалку од 900 Македонци, главно во селата Галате и Зубовце.