Македонија
17. September 2024 - 16:37

Различни мислења за есенската кошница: Замрзнување на цените или зголемување на производството?

Поделени мислења за есенската кошница. Додека граѓаните секојдневно забележуваат повисоки цени, а власта бара решение со кое нема да бидат оштетени ни производителите, ни трговците, дел од експертите сметаат дека замрзнувањето нема да биде од голема корист. Економскиот аналитичар Арбен Халили вели дека за стабилизација на цените најдобро е да се зголеми домашното производство на храна.

„И последните две-три години замрзнувањето на цените, за жал, не придонесоа нешто конкретно, солидно да се почувствува од страна на граѓаните. Тоа подразбира дека и сегашното планирање за замрзнување на цените може многу краткорочно да влијае на стабилизација на цените, но тоа не значи дека по завршување на тој рок цените ќе останат на исто ниво, бидејќи сите сме сведоци дека после тоа имало драстично зголемување на цените“ – Арбен Халили, економски аналитичар

За синдикатите, пак, замрзнување на цените или маржите на основните продукти е добра мерка, но тоа не треба да се направи на сегашното ниво. Претседателот на ССМ предлага производите прво да поевтинат, па потоа да се ограничи нивната цена.

„Треба да не се дозволи да се замрзнат вака покачените цени. Тоа ќе биде погрешно поради тоа што тие денеска енормно заработуваат. Треба да се земе репер некој претходен период кога цените имале некоја пореална вредност и на таков начин да ги замрзнат. Доколку замрзнете цени кои ќе значат дополнителен финансиски бенефит за работодавачите, а пак штета на работниците, можеби ќе треба да размислите повеќе во таа насока“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

Минималната потрошувачка кошничка на ССМ за септември веќе се подготвува, а според првичните бројки и месецов ќе биде поскапа од претходниот.

„Со податоците кои ги имаме ние, веројатноста да се зголеми истата се огромни, имајќи во предвид дека над 600 денари се зголеми само за еден месец. 4.600 денари само за половина година и доколку не ги воведат овие мерки за многу брзо време веројатно ќе оди уште повеќе“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

Пекарските и млечни производи, оризот, гравот, некои видови месо, овошјето и зеленчукот се дел од 100-тината продукти кои ќе влезат во есенската кошница. Се уште се прават анализи дали да се замрзнат цените или маржите. 

Нејасно е и дали ќе профункционира новиот закон за нефер трговски практики за 10 дена отсега, оти премиерот рече ако е потребно, ќе се даде време за прилагодување. Со него треба да поевтинат над две илјади производи.