Македонија
9. November 2015 - 10:41

Започна изградба на повеќенаменско игралиште во кривопаланечка Конопница

Жителите на кривопаланечкото село Конопница наскоро ќе добијат нов повеќенаменски спортски терен, информираат од Одделението за изградба и одржување во општина Крива Паланка.

 
- Започна изградбата на повеќенаменско спортско игралиште кое е финансирано од страна на Агенцијата  за млади и спорт. Игралиштето е дел од Проектот „Изградба на 100 повеќенаменски игралишта“, а за изградбата на овој терен се обезбедени средства од околу шест милиони денари, изјави Никола Граматиков, раководител на Одделението за изградба и одржување во општина Крива Паланка.
 
Според него, теренот ќе можат да го ползуваат жителите од Конопница и околните места кои гравитираат во овој реон.
 
- Изградбата на повеќенаменското спортско игралиште е добра за развој на младите кои ќе добијат можност во секое време да спортуваат и да се рекреираат на современ и опремен терен, но и жителите на Конопница и околината не ќе мора да патуваат до градот да го сторат истот, рече Граматиков.
 
Ова е второ повеќенаменско спортско игралиште во Крива Паланка финансирано од страна на Агенцијата  за млади и спорт. Еден терен од Проектот „Изградба на 100 повеќенаменски игралишта“ е веќе изграден и пуштен во употреба во 2014 година.