Заменик-министерот Ванчо Костадиновски ја посети општина Јегуновце
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски денеска ја посети општина Јегуновце каде со градоначалникот Тони Коцевски извршија увид во спроведувањето на проектите што се подржани од Агенцијата за унапредување на земјоделието и рурален развој во оваа тетовска општина.
За изминатиот период општината добила околу 35 милиони денари што се искористени и се користат за изградба на фекална канализација низ повеќе населени места, локални патишта и други потреби на месното население. Проектот за рурален развој се реализира низ целата држава во периодот 2014 до 2018 година.
- Во изминатиот период се реализираа, одобрени се и во тек е реализација на околу 387 проекти со вкупна вредност од околу 3 милијарди денари или околу 50 милиони евра наменети за развој на селата во рурални општини и подобрување на квалитетот на живеење, изјави заменик-министерот Костадиновски.
Во моментот преку овој проект за рурален развој во општина Јегуновце се гради четирикилометарска канализациска мрежа заедно со претпумпна станица во Сиричино, пристапниот пат од еден и пол километар од Туденце до црквата „Свети Ѓорѓија“ и локалниот пат во Копанце во должина од еден километар.
- Овие проекти се од огромно значење за нашата општина и за сите рурални опшини бидејќи со нив се подобрува комуналната инфрструктура во разни области, општините имаат слобода да аплицираат за сите оние проекти што се од витално значење и ние аплициравме со неколку такви проекти, рече градоначалникот Коцевски.
Од локалната власт најавија дека ќе продолжат со аплицирање со своите проекти за понатамошно добивање средства од проектот за рурален развој во сите населени места од регионот.
Во рамки на посетата, заменик-министерот Костадиновски и градоначалникот Коцевски заедно со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски ја посетија фармата „Органик милк“ во селото Раотинце, каде сопственикот Петар Митоски користи повеќе субвенции за својата фарма што располага со околу 150 крави.
Костадиновски најави дека од почетокот на идната година ќе се субвенционира набавката на висококвалитетни крави од сортите холштајн и фризиска и до 80 отсто. Иако во западниот дел на државата нема појава на т.н. јазлеста кожа кај стоката, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски најави дека со пристигањето на дополнителните вакцини во текот на следната недела ќе почне вакцинирање на сите незаразени животни и во останатите делови од земјата, наместо како досега само во жариштата во источниот дел од Македонија.
Ново на Сител
-
Како да ги искористите ваучерите за инвертер клими?
-
Тема на денот со Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини
-
Прв пат во Македонија дијагностицирана ретка генетска болест „Фабри“ - Двајца пациенти се на терапија
-
Преглед на вестите од светот
-
Реформската агенда за ЕУ пред пратениците
-
Силјановска: Реален и рационален е оптимизмот за одблокирање на европската интеграција
-
Антикорупциска: Незаконско е назначувањето членови за УО на Академијата за судии и обвинители
-
ДКСК: Екс-министерката за култура на службено патување трошела буџетски пари за приватни цели