Македонија
25. October 2016 - 16:51

Заменик министерот Муцунски се сретна со потсекретарот на ОН Ву Хонгбо

Македонскиот заменик министер за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски, во тек на посетата на Обединетите нации во Њујорк, се сретна со  потсекретарот за економски и социјални прашања на ОН, Ву Хонгбо.

Муцунски и Хонгбо, како што соопшти денеска Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), детално разговарале за целите за одржлив развој на ОН и за начините како  глобалната заедница да посвети посебно внимание во нивната примена.

Според соопштението, Хунгбо изразил позитивно мислење за реформските мерки кои ги презема македонската Влада за процесот на реформа на јавната администрација и ветил експертска помош од ООН,  при изработката на конечната верзија на стратегијата за реформа на јавната администрација.

- Муцунски и Хунгбо се согласија дека и понатаму треба да продолжи продлабочувањето на соработката со ООН, особено од гледна точка на размена на искуства и експерти од областа на реформа на јавната администрација и примената на иновативни ИКТ решенија во работењето на јавниот сектор, се вели во соопштението.

Заменик министерот Муцунски, информира МИОА, остварил и средби со претставници на Директоратот за јавна администрација и менаџмент на развој, како и со членови на Комитетот на експерти за јавна администрација.