Заменик градоначалникот на Скопје си поднесе оставка - Арсовска тврди дека таа го разрешила
Не прифаќам да сум заменик градоначалник на град кој го раководи група од Сарај, Александар Трајановски си даде неотповиклива оставка. По три години јавно на седница ја напушти оваа функција со образложение дека залудно се обидувал да најде компромис и да го ублажи гневот кој го предизвикувала Арсовска. Ја обвини градоначалничката дека не работи по програмата за Модерно Скопје, разрешувала директори кои отворено се бореле против партизација на претпријатијата, вршела постојан мобинг врз вработените и водела неосновано битка со сите градоначалници на грбот на граѓаните.
Арсовска испрати демант дека таа го разрешила уште пред три месеци на 19 декември поради неисполнување на задачите кои ги имал на таа позиција и го обвини дека е полтрон на владејачкото мнозинство.
- Единственото барање на ова лице за кое е свесна градската администрација е неговата желба да добие канцеларија, службено возило и службен телефон. Друга комуникација, уште помалку во смисла на активен придонес кон работата на градот ова лице немало во последните две години. По однос на обвинувањата на Трајановски за некакво „влијание од ДУИ“, сакаме целосно да ги демантираме како лажни вести и несериозни обвинувања. Кадрови решенија градот Скопје немаше две години, ниту постоеше можност за вработувања поради неизгласани планови за вработување - се вели во демантот испратен од прес службата на град Скопје.
- Трајановски задоцнил цели три години во проценката на личноста и НЕделата на Арсовска велат од ВМРО ДПМНЕ. Од партијата сметаат дека оставката не е последица на неговиот револт од пајташите на Арсовска, туку веројатно причина се нереализирани бизнис интереси.
Да потсетиме во овие три години градоначалничката Арсовска разреши околу 30 директори на јавните претпријатија која таа ги постави, во некои од нив како Водовод беа сменети и по неколку пати.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар