Македонија
5. October 2017 - 13:10

Захариев: Локалниот економски развој останува приоритет, нови идеи и иницијативи за просперитетен Штип

За последните 4 години за Штип направивме многу. Штип е град, можеби и географски поим, но Штип си има своја суштина, а тоа сте Вие почитувани граѓани. Вашите предлози, вашите идеи ги преточивме во дела и завршивме над 450 проекти на секоја улица, во секоја населба во целиот град, во сите рурални места, не застанавме.  Имавме мотиви за работење имавме енергија, сила знаење како да го препородиме нашиот град, како Штип да го направиме модерен, урбан центар. Да го уредиме секое катче, да го засакаме нашиот град, истакна на денешната прес-конференција Илчо Захариев, кандидат за градоначалник на Општина Штип од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочува дека претстојат нови предизвици, нов четиригодишен мандат, нови идеи, нови иницијативи. Уште повеќе работа, уште повеќе ангажирање.

 

-Морам да ви кажам дека не се изморив во претходните четири години. Имам енергија, имам знаење, имам сила имам идеи и одлични соработници кои заедно со мене ќе направиме уште повеќе дела кои вие ги барате почитувани граѓани. Главни приоритети во овој период ќе биде локалниот економски развој, отворањето на новата индустриска зона во Плуждино, каде ќе има 18 парцели за фабрики за лесна и незагадувачка индустрија. Ќе ја развиеме индустриската зона кај Астибо, како и индустриската зона во Три чешми, индустриската зона Запад кај „Акива“ и „Семак Фешн“ . Нови перспективи за отворање на фабрики, нови перспективи за отворање на работни места. Работиме урбанистичка документација, за изградба на 1000 куќи за млади до 35 години. Тие плацеви ќе бидат скоро бесплатни, по едно евро за метар квадратен. Еден плац ќе биде од 250 до 300 метри квадратни, значи од 250 до 300 евра по метар квадратен. Ќе ве ослободиме од комуналии, ќе дадеме шанса на младите кои живеат во нашиот град, кои работат во нашиот град да си направат сопствена куќа, посочувца Захариев.

Кандидатот за градоначалник вели дека во локалниот економски развој планираме отворање на три Спа центри во нашиот град за да ги искористиме добрите природни ресурси, а тоа е топлата вода од Кежовица која е позната по својата лековитост.

-Секако дека еден од нашите големи приоритети ќе биде гасификацијата на нашиот град. Благодарение на нашата влада, се направи примарната мрежа од Клечовце, Куманово до Штип. Тоа беше одличен проект на Газпром гасот е веќе стигнат до нашиот град, два приклучоци веќе се припремаат кај Сушево и кај индустриската зона, се надевам дека наскоро ќе ја реализираме и секундарната мрежа.  Ќе бидат приклучени сите јавни установи, детските градинки, училиштата, општината, јавните претпријатија, секако индустријата и приватните семејства. Ќе заштедиме многу, ќе ја заштитиме животната средина. Огромен проект ќе биде во делот на водоснабдувањето да ги обезбедиме конечно со вода сите населби во нашиот град, посебно Македонка, Чадакалија, Балканска, но и насеените места Врсаково, Шаварлија, Љуботен, Суфилари и секаде онаму е потребна здрава вода за пиење. Изградбата и доградбата на колекторот кој е граден пред многу години, каде имаме многу проблеми е наш приоритет. Веќе обезбедивме милион евра за изработка на комплетна проектна документација. Моментално се врши ревидирање на тој проект. Ќе се изработи комплетно нов колектор до четвртиот километар каде планираме изградна на пречистителна станица. Тоа е потребно пред се за здравата животна средина, за чување на реката Брегалница која е од животно значење не само за Штип туку за цела источна Македонија, а истовремено ќе дадеме нов импулс во еколошкиот живот во нашиот град, нагласува тој.,

Захариев вели дека ќе се уреди и реката Брегалница на ист принцип како и реката Отиња, значи делот на реката Брегалница од населбата „8 Ноември“ па се до бањата Кежовица ќе добие сосем нов лик, адаптирана прилагодена за децата за спортистите, за риболовците, за пешаците, за велосипедистите.  Мислам дека уредувањето на реката Брегалница  ќе го промени ликот на нашиот град, на оваа река која живот значи за нашиот град.

-Ќе го доградиме секој сегмент околу секоја населба. И тоа уредувањето на паркинг простори околу сите згради, уредување на влезовите и секако многу зелени површини. Во наредниот период ќе направиме нова детска градинка. Таа ќе се лоцира во населбата Сењак. Ќе доградиме уште две детски градинки кои се наоѓаат во населбата Баби и населбата Сењак и верувајте дека ќе направиме и нова детска градинка во населбата Македонка. Локалниот развој не може да биде ако немаат локалните места добра инфраструктура. Наш приоритет ќе биде да го завршиме патот од селото Никоман до селото Почивало каде живее голема турска заедница. Тој пат веќе го работиме, имаме проект, се надеваме дека заеднички од идната година, верувам дека во наредните две години ќе има комплетна патна инфраструктура то тоа село. Морам во оваа прилика да кажам дека ќе инвестираме во образованието. И тоа ново училиште во селото Почивало, реконструкција на дел од нашите училишта, замена на прозорците и вратите во голем број наши училишта, правење на сите оние предуслови кои ќе значат солидни услови за учење на нашите деца.  Изградбата на спортската училишна сала во населбата Македонка ќе биде наш приоритет, потенцира Захариев.

Ќе се инвестира и во спортот.

-Скејт парк ќе се прави зад Исарот, ќе изградиме 10 фитнес зони во секоја населба и во секое населено место, 5 кошаркарски игралишта, ќе ги доградиме спортските терени во населбата Балканска, во населбата Баби и во населбата Караорман и секако ќе го доизградиме нашиот градски стадион. Ако во претходниот период инвестиравме некаде во 38 спортски терени, ќе дадеме нов импулс во изградбата на нови спортски терени за да го подобриме спортксиот живот во нашиот град. Во делот на културата, ќе работиме навистина многу. Сите стари куќи во Ново Село и на булеварот Гоце Делчев, кај црквата св. Никола мора да бидат реконструирани и реновирани да добијат нов лик. Ако не финансира министерството за култура, општина Штип ќе издвои средства да тие куќи бидат зачувани бидејќи тоа е автентична наша архитектура од пред два века која мора да остане зачувана за идните генерации. Секако во овој период ќе инвестираме многу и во културата, во Макфест, во нашата Пастрмајлијада, во нашето Културно лето. Имаме навистина знаење, имаме сила, имаме енергија, имаме потенцијал да направиме уште многу проекти за нашиот град. Да го направиме Штип втор град после Скопје во Македонија и вие да се гордеете со тоа што го работиме. Затоа што нашата девиза е „секојпат работење и само работење, секогаш Македонија“, нагласи Захариев.