Заев: Владата е определена да го негува и унапредува македонскиот јазик
Новата Влада искрено и силно е посветена да го негува и да го унапредува македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење како народ, порача денеска премиерот Зоран Заев кој ја отвори втората Меѓународна научна конференција „Минатото на јазичниот свет – денес и утре“ што се одржува во рамки на Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје.
Заев истакна дека третманот на македонскиот јазик ќе биде сеопфатен и стратешки, исто како и кон институциите кои се занимаваат со него.
- Подготвени сме како Влада да вложуваме во капацитетите што ќе ја развиваат употребата на македонскиот јазик. Тој да биде правилно употребуван во Република Македонија и подостапен за изучување во странство, рече Заев.
Поосчи дека во Програмата предвиделе повеќе мерки за овие цели. Најави дека ќе се води поголема грижа за правилна употреба на мајчиниот јазик од сите чинители и дејци кои имаат влијание на јавноста, медиумите, телекомуникациските оператори, државните органи и институции, со посебен акцент на правилна употреба на јазикот уште кај најмалата популација во почетниот образовен процес.
- Владата ќе го поддржи повторното отворање лекторати за македонски јазик на странските универзитети во другите земји, особено во ЕУ. Ќе ги засилиме врските со дијаспората и преку финансирање часови по македонски јазик во државно-конзуларните претставништва во градови каде е изразен доволен интерес за тоа. Ова се дел од мерките на коишто се обврзавме во владината Програма, а денес пет месеци по формирањето на новата Влада ги имаме и првите сработени активности, потенцира Заев.
Владата, како што рече, во соработка со истакнати македонисти и експерти во областа веќе усвои повеќе предлог-мерки што се насочени кон унапредување на состојбата со македонскиот јазик за чија реализација е задолжено Министерството за култура.
- Предвидуваме фонд за поддршка на изработка на научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области, вклучувајќи изработка на академска граматика, речник, правопис. Мерка за унапредување на нашето јазично богатство, дијалектолошки и историски проучувања на македонскиот јазик. Основање фонд за стипендирање на студирање за македонски јазик на универзитетите во Македонија и ревизија на наставните планови и програми по македонски јазик на сите рамништа на образованието, најави Заев.
Тој исто така рече дека ќе се залагаат и за едноставен и слободен пристап без надомест до капиталните дела-Правопис на македонскиот јазик и Толковен речник на македонски јазик. Во Одборот за стандардизација на македонскиот јазик би членовиле повеќе експерти, а Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура предвиделе да прерасне во Македонистички центар со повеќе функции. Предвидуваат обновување на родните куќи или создавање музеи посветени на значајни личности за македонскиот јазик и култура.
Предвидуваат основање фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети и отворање и одржување на лекторатите по македонски јазик на овие универзитети. На терен, како што рече, веќе се разгледуваат можности за отворање на лекторатите. Најави Центар за постојана обука за лектори по македонски јазик во странство, како и Школа за подучување по македонски јазик за македонските деца надвор од Македонија.
Гостувањето на македонските научници и уметници на странските универзитети со цел да се афирмира македонскиот јазик и култура, се предлага да се прави преку Годишната програма со определен фонд. Предвидена е и поддршка за собирачката дејност и поддршка на албанската и на другите етнички заедници преку политиката на привлечност, атрактивност за учење на македонскиот јазик и формирање мултиетнички и повеќејазични педагошки и културни друштва.
Министерката за образование и наука Рената Дескоска посочи дека грев е да се заборави и запостави мајчиниот јазик, како и да не се познаваат неговите јазични права. Таа истакна дека ниеден јазик не е загрозен од правото на другиот да го зборува сопствениот мајчин јазик.
Според неа, јазикот може да се загрози со недоволно познавање на неговите правила, со негова неправилна употреба, со неквалитетна настава по предметот мајчин јазик, со неодговорен однос и непочитување на правилата за лекторирање на пишаните текстови пред нивно објавување...
Директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јованова- Грујовска истакна дека тие го негуваат и чуваат македонскиот јазик со научна работа, со проучувања и резултати. За следната година таа побара 15 нови вработувања и додаде оти деновиве ќе го примат првиот научен соработник по 19 години.
- Иако 11 години никој не ни ги зголемил платите, иако со години не се финансираат проектите, ние со ентузијазам објавуваме резултати од проектите, пишуваме книги, ја добивме наградата „Гоце Делчев“ за наука. Сега е време за финансирање нови проекти, за правење корпус, за фаќање чекор со дигитализацијата и електронското издаваштво. Време е нашите изданија да станат достапни за светот, потенцира Јованова-Грујовска.
Ново на Сител
-
ПСЖ би можел да го ангажира Куртоа за да му се одмазди на Реал за Мбапе
-
Едно лице загина, 13 се повредени во напад на руски дрон врз Одеса
-
„Ел Гол Дигитал“: Голем број ѕвезди на Реал се изјаснија за оставка на Анчелоти
-
Голема акција: Запленети 6,2 килограми марихуана, 442 таблети екстази, пиштол, куршуми
-
Палестинскиот претседател подготвен на соработка со Трамп за завршување на војната во Газа
-
МВР: Лишен од слобода криумчар на мигранти
-
Сеизмолошка опсерваторија: Регистриран земјотрес од 2.8 степени по Рихтер
-
Земјотрес со јачина од 2,9 степени регистриран во околината на Ресен