Македонија
4. January 2021 - 15:05

Заев: Организацијата на противпожарната заштита во колективни објекти е одговорност на сопствениците

Хидрантската мрежа во ТЦ „Глобал“ во Струмица работела во опожарениот дел, истакна премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање, посочувајќи дека во одреден дел не била достапна и пристапна и дека одговорност не била барана од никого заради тоа што пожарот избувнал од внатре од пазарот и се приширил на околните дуќани.

– Тие се сопственици на дуќаните, а не општината. Општината е сопственик само на пазарот што претрпел штета. Организацијата во колективните објекти, како што е еден трговски центар „Глобал“ е одговорност на самите луѓе коишто се сопственици. Хидрантската мрежа работела во одредениот дел. Во одреден дел не била достапна. Опожарени се сите дуќани коишто имале пристап, односно и заден влез спрема пазарот, изјави премиерот.

Заев израви уверување дека сите стандарди се почитувале и треба во иднина да се почитуваат во сите објекти, вклучително и во новиот објект на Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците, кадешто денеска  изврши увид на вселувањето.

– Овој е нов објект, каде што верувам дека Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците и сите други пет-шест институции кои се сместени тука, ќе внимаваат на почитувањето на стандардите и на законите во државата, нагласи Заев.

Олоку тоа дали и кога е направена инспекција за исправноста на хидрантите, Заев рече дека за тоа треба да кажат надлежните служби.

– Инспекциите се прават временски во одредени периоди или на повик на некој од сопствениците или заинтересирани страни. Дури јас не знам која е надлежна институција за да ги прави инспекциите. Веројатно тоа се приватно лиценцирани фирми коишто ги проверуваат противпожарните апарати и исправноста на противпожарните апарати како основа, а потоа следуваат контолите на инспекторатите во државата, веројатно тоа е Инспекторатот за труд и социјална политика, Техничкиот инспекторат при Министерството за економија и сите други надлежни инспекторати, истакна Заев.