Македонија
7. October 2021 - 21:26

Заев од Штип: Во следните четири години носиме гасификација и ја обновуваме главната водоводна мрежа

Обнова на главната водоводна дистрибутивна мрежа, гасификација, и обиколница „Запад“ се дел од клучните проекти за Штип на кои ќе се посветиме во следните четири години, најави вечерва од Штип претседателот на СДСМ Зоран Заев.

СДСМ, додаде тој, има проекти кои го унапредуваат квалитетот на живот и европските стандарди ги носат дома, во нашата држава, во нашите општини.

По приклучувањето на системот за водоснабдување Хидросистемот „Злетовица“, градот го реши проблемот со обезбедување доволни количества квалитетна вода за пиење за подолг временски период. Но останува проблемот со дистрибуцијата на водата за пиење од филтер-станицата до домовите на штипјани. Решение е замена на дотраените цевки со нови, што поради обемноста и комплексноста ќе се врши на неколку фази. Штип е град каде што се вкрстуваат и се одделуваат патните правци од Скопје, Велес, Куманово кон Кочани, Радовиш и Струмица и обратно. Проектираните улици од средината од XX век не можат да одговорат на спвремените потреби со густиот сообраќај. Со проектот Обиколница „Запад“ вршиме пренасочување на возилата што доаѓаат од правец на стариот пат за Кочани, а се движат во правец на Радовиш, Струмица (или обратно), да го заобиколат централното градско подрачје, преку изградба на сообраќајница од кружниот тек на булевар „Гоце Делчев“, и преку улица „Вељко Влаховиќ“, да се излезе на мостот на река Брегалница кај бања „Кежовица““ порача Заев. 

Претседателот Заев истакна дека гасификацијата на општините ќе придонесе за заштита на природата и поевтин енергенс за сите и најави дека во Штип следува изградба на секундарна гасификациска мрежа

„Изминатите 4 години ги потрошивме за обезбедување потребна документација за непречен почеток на градежните работи за секундарната . Во првата фаза, почнувајќи од разводната клучка кај населбата Три Чешми, ќе започнеме со изградба на секундарна гасификациска мрежа, донесувајки го овој енергенс до постојната индустриската развојна зона (за странски претпријатија) и за идната развојна зона (наменета исклучиво за домашни претпријатија), до кампусите од Универзитетот „Гоце Делчев“, градинките, основните и средните училишта, како и до Клиничката болница. По завршувањето на првата фаза и по спроведувањето анкета за заинтересираност кај домаќинствата, ќе се пристапи кон план за изведба на дистрибутивна мрежа и за нив“ порача Претседателот Заев повикувајќи ги граѓаните на 17 октомври да гласаат за бројот 12 за кандидатот за градоначалник д-р Сашко Николов и советничката листа на СДСМ и Коалицијата.

 

Центар за комуникации на СДСМ