Македонија
10. February 2023 - 11:13

За Турција и Сирија најпотребни се парични донации, како и зимска облека, шатори, душеци, ќебиња

Општина Тетово упати повик до граѓаните кои сакаат да донираат со насоки за кој вид на донации се најпотребни за подрачјата погодени од земјотресот во Турција и Сирија. Листата е утврдена со договор на општината со Амбасадата на Турција, како и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и Црвениот крст.

Засега најпотребни се финансиски средства. Исто така, утврдена е и листа на барани материјали, а како најпотребни барани материјални средства од страна на настраданите, приоритет имаат: шатори, ќебиња и греалки. Од зимска облека потребни се јакни, мантили за дожд, чизми, џемпери, панталони, капи. Друг вид материјали покрај шатори, ќебиња и греалки, потребни се и кревети, душеци, вреќи за спиење, конзервирана храна, детска храна, детски пелени, средства за чистење и хигиена, се вели во соопштението на Општина Тетово.

Во Тетово граѓаните може да ги остават донациите на градскиот плоштад и спортската сала на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ од 10 до 18 часот како два собирни пунктови.

-Апелираме до сите кои имаат можност, да ја покажат својата хуманост и да донираат за турскиот и сирискиот народ. Сега им требаме на Турција и Сирија. Да се солидаризираме и да помогнеме што поскоро да се надминат овие тешки денови, потенцираат од Општина Тетово.

Отворена е и жиро-сметка на која граѓаните на Северна Македонија и дијаспората можат да помогнат со финансиски средства. Воедно Општина Тетово ќе одвои еден милион денари помош за подрачјата погодени од земјотрес во Турција и Сирија.