Македонија
8. August 2017 - 15:54

За Суперкупот 2600 полицајци, ригорозни контроли на влезот на арената

Министерството за внатрешни работи информира дека ги презело сите потребни мерки и активности со цел организацијата на Суперкуп натпреварот на УЕФА меѓу екипите на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед во Скопје да помине во најдобар ред.

- Ангажирани се 2600 полициски службеници кои се задолжени за безбедноста на присутните во фудбалската арена „Телеком“, реонот околу фудбалскиот стадион и фан-зоните, каде што поголем дел од денот престојуваат навивачите на двата клуба. Според инструкциите на УЕФА, на стадионот може да се внесат само знамиња на фудбалските клубови Реал Мадрид и Манчестер јунајтед и знамиња на Шпанија и Англија, соопшти МВР. 

Министерството апелира до сите кои имаат билети за следење на овој натпревар да дојдат порано на националната арена за да избегнат непотребни гужви.

- На влезот се предвидени ригорозни контроли и нема да биде дозволено внесување монети, запалки, лименки, шишиња или други предмети, наведува МВР.