За негрижата за наследството: Симболот на градот Кратово пред уривање
Жителите на Кратово го знаат како Грошчиски или Грофчански мост. Во легендите е познат и како Баждарски мост, а денес на шега го викаат „резилски мост“.
Оваа прекрасна монументална градба од почетокот на 18-тиот век е во процес на распаѓање, а засега никој не презема мерки за санирање на штетите.
Неодамна се урна дел од носечкиот столб на мостот, при што се наруши статиката на мостот и во прашање е доведена безбедноста на граѓаните кои го користат мостот.
Граѓаните на Кратово очекуваат Управата за заштита на културното наследство итно да реагира и да спречи поголеми оштетувања.
- Овој мост беше реновиран во 1988 година од страна на тогашниот Завод за заштита на спомениците, за што беа ангажирани мајстори од Прилеп. Сега апелирам до Управата за заштита на културното наследство да преземе итни активности за санација, и да ги ангажира прочуените кратовски мајстори ѕидари – вели локалниот промотор на туризмот Стевче Доневски.
Состојбата во која се наоѓа Грошчиски мост непријатно ги изненади и бројните туристи во градот. Велат недозволиво е градот кој со право го носи епитетот „град на кули и мостови“, да се срами токму од објектите кои се под заштита на државата.
-
Оливер Арсовски
Сите содржини од овој новинар