Македонија
31. December 2020 - 16:36

За функционалноста на системот: Бездомник со денови моли за помош, институциите без решение

Со отворени рани и во состојба на шок бездомник една недела чека да го згрижи некоја институција. Го згрижила познаничка во подрумот на својот дом во Ѓорче Петров. Поради раните низ целиот подрум се шири неподнослива миризба на мртво месо.

Го пронашле во безсознание во Кучково. Повикана била полиција и итна медицинска помош, но бидејќи немал каде да оди ја контактирал Драгица Трајковска.  Во првите неколку денови бил свесен, јадел, пиел и комуницирал, но во последните три дена здравствената состојба драстично му се влошила. Сега ниту јаде, ниту може да зборува. Драгица тврди дека цела недела ѕвони на телефони во сите институции, но никој не сака да го згрижи.

-На мобилен ми ѕвонеше со плачење ме молеше: „Те молам Драгица помогни јас сум со Брза помош и со војници, ќе ме остават на улица. – е со овие зборови. Јас не сум моќна. Не сум во работен однос. Колку што можев помогнав, видете сега, јас имам огромен товар. Да сум моќна, не е проблем, ќе му купам лекови, ќе му помогнам, вели Драгица.

Од викањето и лелеците вознемирени се сите соседи на улицата. Велат, навечер не можат да спијат.

-Бабо, цела ноќ не сум наспан, како ќе одам на работа? Сине, молчете и трајте, ако речеме нешто ќе се направат кавги. Ама не се спие, удираат, а јас сум болна, вели соседката Донка Настевска.

Екипи на Итната медицинска помош доаѓале, му пружале помош, но немале каде да го носат. И денеска беа повикани.

Со асистенција на припадниците на Армијата, Итната медицинска помош го однесе во „8-ми Септември“. Но, според првичните медицински наоди, неговиот црн дроб е пред откажување.

Од Центарот за социјални работи велат дека можат да се згрижат само бездомници кои се здрави бидејќи таму нема вработени медицински лица, туку само социјални работници и нема кој да им пружи помош на болните.

-Центарот за социјална работа како надлежна институција постапува и згружува бездомни лица кои немаат сериозни здравствени проблеми, можат да се движат и да ги задоволуваат своите потреби. Согласно Законот за социјална заштита единствен објект за сместувње на бездомни лица е Прифатниот центар во Чичино село, велат од Центарот за социјални работи.

Случајот е пријавен и во полиција каде е направен и записник. Бездомникот има и семејство, но ниту тоа не сака да го згрижи.