Вучиќ со остар напад кон Ѓукановиќ и Курти за ширење „соголена омраза кон Србија и Србите“
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ги обвини црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и косовскиот премиер Албин Курти дека шират „соголена омраза кон Србите и Србија“ и дека имаат најизразена улога во кампањата на лаги против официјален Белград, јави дописникот на МИА од Белград.
-Не од вчера, најизразена улога во соголената омраза кон Србија ја имаат Албин Курти и Мило Ѓукановиќ. Се разбира, тие секогаш користат голи лаги за да се претстават како наводни жртви, а Србија како злобен агресор кој им се заканува, изјави Вучиќ.
Тој изјави дека тие двајца сега го искористиле „легитимното, целосно регуларно и транспарентно“ купување на одбранбениот кинески систем за противвоздушна одбрана ФК-3 за да му кажат на целиот свет дека Србија е кинески и руски пријател и некому му се заканува, иако се наоѓа во НАТО опкружување.
-Како тоа ние ги загрозуваме со одбранбено оружје? Затоа што тоа е систем кој служи за одбрана од крстосувачки ракети и авиони кои би го нарушиле воздушниот простор на Србија. Како тоа ние ги загрозуваме Приштина и Подгорица? Какви воздухопловни сили имаат, подобро ќе ни беше да купевме аутан-спреј, кажа тој.
Вучиќ ги критикуваше тврдењата на Курти дека Србија го купила тоа оружје затоа што е во паника да остане сама.
-Србија како воено неутрална земја е сама во целиот поширок регион. Во циркус сте виделе лавови, слонови, тигри, но никогаш волк самотник. Секогаш би бил волк самотник отколку бесрамна и неморална хиена, без разлика колку хиени има. Без разлика дали има три, пет, шест или 19… Хиени, барем треба да ја признаете крвожедноста, ако ништо друго. Уште полошо е да се биде мува која се врти околу хиената и чека да им донесе плен, како Курти и Ѓукановиќ, остро порача Вучиќ.
Тој оцени дека Курти и Ѓукановиќ имаат многу поголеми проблеми како криминалот, корупцијата и економијата.
Ново на Сител
-
Основната плата во државата не може да биде пониска од минималната плата – Независниот синдикат на полицијата утре излегува на протест
-
Трипуновски: Излегуваме во пресрет на земјоделците, ќе ја направиме проценката за да се обноват површините зафатени од невремето
-
Во Скопје синоќа 92 сообраќајни прекршоци, 50 санкционирани возачи на мотоцикл
-
Најмалку 104 лица го загубија животот, а 28 се повредени во поплави во источниот дел на ДР Конго
-
Филков: Со новиот Закон за Судски совет воведуваме јасни критериуми и механизми за одговорност
-
Истрага за сообраќајна несреќа во Чаир во која има едно лице повредено
-
Приведен 29-годишен маж во Куманово, крадел предмети од црква
-
Укината забраната во Барселона и Тарагона за излегување надвор поради токсичен чад после пожар