Балкан
24. October 2017 - 21:04

Вучиќ на средба со Хојт Ји

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска зад затворени врати имаше според неговиот кабинет „отворен и чесен разговор“ што траеше час и половина. 

Очекувањата на јавност беа дека разговорот ќе биде „бурен“ по изјава на Хојт Ји вчера кој рече дека Србија „не може да седи на две столчиња", барајќи конкретни дела и дека рускиот центар во Ниш не треба да има дипломатски статус.

На ова првин остро реагираше министерот за одбрана, Александар Вулин, изјавувајќи дека досега ова е најтешкиот јавен и изразито недипломатски притисок врз Србија и нејзиното право самостојно да одлучува.

Вулин рече дека не знае каков ќе биде ставот на државниот врв, но тој лично верува дека ова не е изјава од пријатели, "ниту на лице кое ја почитува Србија, нашата политика и правото да носиме одлуки".

Шефот на српскиот преговарачки тим за преговори со ЕУ Тања Мишчевиќ, во меѓувреме изрази сомневање дали Хојт Брајан Ји е правилно интерпретиран во медиумите.

Различни реакции имаа и политичките партии.

Радикалите го повикаа Вучиќ да се изјасни на кое „столче“ ќе седи - „со српските традиционални пријатели или со оние кои бомбардираат и го одземаат Косово“.

Двери сметаат дека „власта ќе плати која било цена на погубниот пат на Србија кон ЕУ“. Социјалистите со став дека Србија води самостојна и независна надворешна политика-членство во ЕУ и добри односи со Русија,Кина,САД.

Претходно Хојт Ји се сретна со премиерката Ана Брнабиќ и со вицепремиерката Зорана Михајловиќ, но во соопштенијата кои вообичаено се усогласасуваат од двете страни, нема детали за изјавата на американскиот официјален претставник.

Хојт Ји исто така, имаше средба и со претставниците на опозицијата, но детали од состанокот не беа објавени.