Балкан
7. April 2025 - 9:30

Вучевиќ за новиот мандатар на Србија: Мацут треба да донесе нова енергија

Српскиот премиер во заминување и претседател на СНС, Милош Вучевиќ денеска изјави дека очекува мандатарот за состав на новата влада, Ѓуро Мацут и неговиот кабинет да внесат нова енергија што и е потребна на Србија, јави допсиникот на МИА од Белград.

Вучевиќ рече дека смета дека Мацут ќе биде некој што ги промовира и брани традиционалните и општите вредности и дека не очекува промени во тој дел, туку дека ги очекува во лични и кадровски решенија и нова енергија.

„Професорот Мацут треба да донесе нова енергија и таа влада треба да донесе нова енергија што очајно и треба на Србија. Очекувам тој да биде личност која може да отвори социјален дијалог, да не е оптоварен со некои работи од претходниот период, како што бев јас и мојата влада, и може полесно да разговара со сите луѓе во јавниот свет за дискурс, да разговара, да воспостави комуникација“, рече Вучевиќ.

Тој изрази надеж дека новиот кабинет ќе донесе доза на оптимизам што и е потребен на Србија, како и дека ќе се фокусира пред се на економијата.

Во изјава за РТС тој вели дека Србија е „во пролет“, не само сезонски, туку и во смисла на враќање кон себе.

„Тоа што го преживеавме како народ и земја речиси половина година ќе се разбере дури по одредено време“, изјави тој.

Како што рече, некој се обидел да го запре животот, да ја уништи државата зборувајќи за правда, вистина, борејќи се за посилни институции, а правејќи го спротивното.