Бизнис
13. December 2017 - 20:20

Возовите тргнаа откако железничарите го добија вториот дел од октомвриската плата

Железничкиот сообраќај е повторно нормализиран. Вработените го добија вториот дел од октомвриската плата откако го блокираа патничкиот и товарниот превоз изминативе два дена. Првите возови тргнаа по 16 часот и тоа од Скопје за Кочани, Гевгелија и Кичево. Сите останати ќе сообраќаат согласно редовниот  возен ред.  Платата легна на сметките на вработените откако утринава се сретнаа со вицепремиерот Анѓушев и министерот за транспорт Сугарески. Сепак машиновозачите се заканија дека повторно  ќе го блокираат превозот ако не ја добијат ноемвриската плата во целост.

- Одлуката е таа, ако до 25 декември не ја добиеме ноемвриската плата во целост на 26ти повторно ќе има прекин во железничкиот превоз.

Според вицепремиерот Анѓушев потребни се радикални промени во Македонски железници. Претпријатието е во долгови,  високи трошоци а има мал обем на работа поради што се доведува во прашање неговото опстојување. Но сепак последните месеци имало зголемен обем на работа споредено со лани. Ако се задржи трендот, ќе се најде решение вели вицепремиерот.

Во следниот период ќе се испитува работењето на претходните раководства во МЖ. Ќе се утврдува дали и имало криминално работење .