„Воздух, здравје и ништо помалку“: Граѓаните маршираа за чист воздух
„Воздух, здравје и ништо помалку“, „Не се дише“, „Кој десно, кој лево, сите се гушиме“, „Во Скопје живеат згради и коли, луѓето се гушат!“, беа дел од паролите на денешниот протестен марш против аерозагадувањето што се одржа во Скопје.
На протестот организиран од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“, граѓаните маршираа од Министерството за животна средина, преку Собранието до Владата.
Тие побараа итно решавање на проблемот со цел граѓаните да не станат еколошки мигранти од сопствената земја. – Денеска се собравме тука од цела Македонија да зборуваме колку останавме без здив.
Да кажеме дека е доста! Над десет години како активисти зборуваме за аерозагадувањето. Преку глава ни е! Само чекаме институциите да кажат нешто, да мрднат со прст и никако да се случи тоа.
Тука сме да го искажеме нашиот револт бидејќи се отселивме од државава како еколошки мигранти, посочи еко-активистот Горјан Јовановски од „Зелен Хуман Град“.
Тој потенцираше дека нивните барања се доставени до сите институции со цел да се имплементираат и да се реши проблемот со аерозагадувањето.
– Имаме доставено барање година по година, не е ни прва година.
Ги доставивме до Влада, до МЖСПП, до локалната самоуправа, до Собранието, предлози кои што се базирани на наука, не се научна фантастика, може да се имплементираат.
Ниту сме прва држава што се соочува со загадување кое не може да го реши. Имаме соседи кои го решија загадувањето, европски градови, Кина го реши пред нас загадувањето, посочи тој.
Дејан Димитровски од „Зелените од Гази Баба“ повика повеќе граѓани да се придружат на овие протести со цел да се помогне да се реши ситуацијата.
– Мора еднаш која било влада да ги реши овие работи, доста ни е, сите пријатели и роднини се отселија од државата.
Или нека ни кажат дека не преземаат ништо да знаеме и ние да се отселиме од државата, рече Димитровски.
Протестот се организира бидејќи секоја година, според информациите од „Зелен Хуман Град“, од 3,828 до 5000+ луѓе во земјава ги губат животите како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2,5.
Ова претставува 17,7 отсто од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух.
Ново на Сител
-
Преглед на вестите од светот
-
Тема на денот со Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт
-
На кулата на АЕК ќе има панорамски ресторан - сообраќај до врв на Водно не е опција
-
Повредени двајца пионери на Брегалница
-
Mицкоски: Погрешна теза е дека без ДУИ ќе има има етнички тензии
-
Продолжуваат партиските активности за локалните избори
-
Кондарко: Изборите ќе течат без застои
-
Експерти од Италија и Словенија ќе испитуваат што се случувало на приватните кардиохирургии