Возачот што ја прегази Фросина ќе се гони за кривично дело со умисла
Казна затвор до 20 години му се заканува на возачот кој ја усмрти 22 годишната Фросина. За тешко кривично дело во сообраќајот сторено со умисла, вака обвинителството ќе го гони осомничениот.
Државниот обвинител соопшти дека се обезбедени докази кои укажуваат дека делото е сторено со умисла. По самиот увид беше познато дека сторителот не поседувал дозвола, возел под дејство на алкохол, со недозволена брзина и поминувајќи на црвено на семафорот ја прегазил девојката која минувала на пешачки. Државниот обвинител ја уверува јавноста дека ќе ја бараат највисока казна за него.
По скандалот со мобилниот телефон кој му бил даден на осомничениот по два дена поминати во притвор се води истрага. Обвинителството за организиран криминал ќе утврдува кој е виновен.
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски вели дека засега нема сомнежи и не е оформен предмет за судијката која му судела на 20 годишното момче за претходно кривично дело поврзано со дрога.
Возачот и претходно се соочил со законот бидејќи возел без дозвола и предизвикал штета. Тогаш тој се спогодил со судот, а обвинителот вели дека законот не е прекршен, бидејќи се работело за полесно дело кое предвидува парична казна доколку оштетениот во случајот не бара поинаку. Коцевски тврди дека обвинителите неправедно се изложени на јавен линч и трпат закани бидејќи кај нив тој не утврдил незаконско постапување.
Инаку во следните десет дена Апелација треба да одлучува во однос на обжалената пресуда за 20 годишниот возач, кој за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци. Кривичен тогаш пресудил дека момчето треба да оди во воспитно поправен дом Тетово.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар