Пожарот во Дрисла ги угуши скопјани
Скопјани се разбудија во бела густа магла и мирис на изгорена пластика. Чадот од Дрисла во текот на ноќта стигна до главниот град.
- Пожарот во депонијата Дрисла се уште е активен. Според информациите од ЦУК, гори поголема количина отпад во централниот дел на депонијата. Тоа е причината зошто овој густ бел чад денеска се шири и во главниот град.
Надлежните се сомневаат дека пожарот е подметнат. Очекувањата се дека до вечерва ќе биде изгаснат, па скопјани вечер ќе можат без страв да проветрат дома.
- Надлежноста врз депонијата Дрисла ја презема Главниот штаб за управување со кризи. Од тие причини дадовме задача денес да се започне со агресивно затрупување на делот од депонијата Дрисла кадешто го имаме најголемото чадење, односно делот кадешто се одвива горењето, вели првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
Опозицијата критикува, власта е неспособна да се справи ниту со Вардариште, ниту со Дрисла.
- Ова е најдобар доказ за неодговорното и неспособно управување на ВМРО-ДПМНЕ со Градот. Четири години немаат никакво системско решение за управување со отпадот додека ризикот по здравјето на скопјани расте секој ден, вели кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова.
Премиерот вели, ад-хок решение нема да има никаков ефект. Потребен е системски пристап за да се спречи загадување на Скопје и од Дрисла и од Вардариште. И тој го потврдува сомнежот на Ангелов дека пожарот најверојатно е подметнат.
- Метанот којшто зрачи не можете.... Вие ќе го изгаснете денес, но тој повторно од внатрешноста ќе продолжи да зрачи. Со еден отпушок тој се пали. Не треба многу да си креативен или диверзант. Само со еден отпушок фрлен... И тоа ни го прават секој ден. Сега, на кого му одговара оваа тема пред избори? Нас нас сигурно не, вели Мицкоски.
Премиерот најавува системско решение за Дрисла, но и за другите регионални депонии кои поради притисок од јавноста не почнаа да се градат, како тие во Свети Николе и Новаци.
- Кога ќе ги добиеме ингеренциите ќе ја средиме Дрисла, ќе ја спакуваме и ќе личи на модерна европска депонија со фабрика којашто ќе произведува енергија и којашто го произведува отпадот, ќе го складира итн, итн... И тоа ќе биде јавно-приватно партнерство, еве уште од сега кажувам. И тоа ќе биде јавен тендер со јасни критериуми. Еве уште сега ви кажувам, повторно ќе има невладини коишто ќе бидат против, вели Мицкоски.
Пожарот во Дрисла избувна вчера околу 15 часот. Само неколку денови претходно Вардариште беше депонијата која го загадуваше Скопје. Со денови гореше, а тоа ги извади аеродромци на протести со оглед на тоа што Вардариште се наоѓа на само неколку десетина метри воздушна линија од Ново Лисиче.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар