Балкан
20. April 2016 - 13:29

Водечките транспортни компании го избегнуваат пристаништето во Солун

Водечките транспортни компании го избегнуваат пристаништето во Солун и се пренасочуваат кон соседните држави, како Бугарија и Албанија, пишува електронското издание на весникот „Прото тема“.
 
Причини за тоа се ситуацијата на грчко-македонската граница, каде поради мигрантите железничката линија е блокирана повеќе од еден месец, но и штрајкот на вработените во пристаништето во Солун, кои се противат на неговата приватизација. 
 
Според весникот, девет големи бродови го смениле курсот и засега привремено растоварот го вршат во Бургас во Бугарија, во Драч во Албанија и во грчкото пристаниште Пиреја. 
 
Контејнерите се полни со различни стоки и суровини, а поради забавувањето на доставките извезувачите доцнат со предавањето на своите производи на клиентите, пишува весникот. 
 
Во текстот се додава дека поради затворената железничка линија на грчко-македонската граница, која е блокирана веќе 33 дена, штети трпат извозниците, увозниците и пристаништето во Солун. Секој ден доцнење во растоварувањето на голем брод, транспортот го чини дополнителни 35.000 евра, наведува „Прото тема“.