Македонија
14. December 2015 - 18:31

Во Велес уредени улиците од високиот лев дел на градот

Градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев денеска  имаше средба со министерот без ресор во Владата на Република Македонија Неждет Мустафа.
 
По разговорот во кабинетот, тие со своите тимови  извршија увид на улиците кои за прв пат се  уредени, а се лоцирани во високиот лев дел на Велес, над црквата „Св.Спас“. Реконструкцијата на завршниот слој на коловозот ги опфати  улиците „Јордан Џурнов“, „Славко Давчев”, „Благој Кирков”, „Благој Страчков” „Стефан Богоев”и „Прохор Пчински“.
 
За целосната реализација на овој проект кој опфати повеќе улици во кои претежно живее население од Ромската заедница, се обезбедија средства во вкупен износ од 2 милиони и 700 илјади  денари.
 
Како што информира градоначалникот Чадиев, поголем дел од средствата 2 милиони денари се  обезбедени од Буџетот на Р. Македонија – Министерство за транспорт и врски, Потпрограма 11 - Поддршка на имплементација на Декадата и Стратегија за Ромите, а дополнителните средства во висина од 700 илјади денари се обезбедија од Програмата за уредување на градежното земјиште на територија на Општина Велес за 2015 година.
 
Инаку, министерот Мустафа и градоначалникот Чадиев беа во увид  на овие улици летово  на 28 јули, а кога и започнаа градежните работи. Тие тогаш пред жителите од овој дел на Велес  ветија дека за кратко време и ќе ги уредат, а денеска како што и потврдија ветеното во предвидениот рок го реализираа на терен.