Свет
5. July 2016 - 14:05

Во Унгарија на 2 октомври референдум за квотите на ЕУ за бегалците

Претседателот на Унгарија Јанош Адер го закажа за 2 октомври референдумот, инициран од Владата, на кој граѓаните треба да се изјаснат за тоа дали ги поддржуваат задолжителни квоти за прифаќање бегалци во Унгарија, пропишани од Европската унија.

Во соопштението на претседателскиот кабинет се наведува дека унгарските гласачи треба да одговорат на прашањето: „Дали сакате ЕУ да наредува задолжително населување на неунгарски граѓани во Унгарија без согласност на Парламентот?“. 

Одржувањето на референдумот беше предложено во февруари од премиерот Виктор Орбан, кој го отфрли учеството на Унгарија во програмата на ЕУ за распределување на бегалците меѓу земјите-членки.

Орбан ги повика Унгарците да гласаат со „не“, што според него е во интерес на државата.