Преглед на вестите од светот
Српскиот премиер во оставка, Милош Вучевиќ, пречекан од демонстранти пред да влезе на партиски митинг во Бечеј. Насобраните луѓе го исвиркаа и кон него фрлаа со јајца.
Илјадници граѓани и синоќа протестираа во Белград. Под мотото „Рамо до рамо – студенти и работници“ се собраа на плоштадот Република. Беше оддадена почит за загинатите при падот на настрешницата во Нови Сад.
„Тие ја разбудија Србија , а пред се нас како родители, наставници“
„Да ги поддржуваме студентите, да се поддржуваме едни со други затоа што само заедно можеме да ја добиеме оваа борба, затоа што сите сме подеднакво лишени од нашите права - и студенти и работници. Сите мора да бидеме тука еден за друг“
Протести се одржаа и низ повеќе градови ширум Србија. Сите поминаа мирно и без инциденти. Студентите најавија голем протест во Белград на 15-ти март.
Паралелно во паркoт пред зградата на претседателот веќе неколку дена во шатори се собрани студенти кои велат дека сакаат да учат.
ЕУ останува посветена на целосно укинување на снабдувањето со руски гас, рече претседателката на Еврпската комисија. На прашањето дали ЕУ сè уште ги смета Соединетите Држави како сојузник под администрацијата на претседателот Доналд Трамп, Фон дер Лајен рече дека е важно да продолжи заедничката работа.
„САД се наш најблизок сојузник повеќе од 80 години, а во услови на неволја, САД и Европа отсекогаш биле посилни заедно. И да, има разлики, можеби ќе имаме различни ставови за некои теми, но ако ги погледнете заедничките интереси што ги имаме, тие секогаш ги надминуваат нашите разлики“ – Урсула фон дер Лајен, претседателка на ЕК
Eвропските лидери на самит во четвртокот ги поддржаа плановите да се трошат повеќе за одбраната и да продолжат да стојат на страната на Украина.
Над 300 илјади луѓе останаа без струја во австралиската држава Квинсленд, откако беше зафатена од тропска бура. Илјадници луѓе во источна Австралија добија наредба да се евакуираат. Затворен е аеродромот во Бризбејн, како и повеќе од 1.000 училишта во регионот.
„Ситуацијата во Квинсленд и Северен Нов Јужен Велс останува многу сериозна поради поројните поплави и силните ветрови. Обилните врнежи од дожд, штетните удари на ветерот и брановите на крајбрежјето се очекуваат да продолжат и во наредните денови“ - Ентони Албанес, премиер на Австралија
Според австралиското биро за метеорологија, налетите на ветрот достигнуваат брзина и до 200 километри на час.
Демонстрант се искачи на лондонската кула Биг Бен веејќи палестинско знаме. Облечен во црно и бос помина повеќе од 16 часа на еден од најпознатите часовници во светот. Извикуваше „слободна Палестина“. Толпа луѓе се собра за да гледа што се случува. Сообраќајот во областа беше запрен, а екипите за итни случаи преку противпожарни скали преговараа со мажот. Откако беше симнат, демонстрантот веднаш беше уапсен.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар